• петок, 22 ноември 2024

Македонски и грчки туристички потенцијали како една дестинација на саем за туризам во Милано

Македонски и грчки туристички потенцијали  како една дестинација на саем за туризам во Милано

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) - Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) со туристичката организација на Солун и италијанско- грчката комора се претставија на саемот „BIT – MILANO”, во Италија како една дестинација за туристите од овој дел на Европа.

Северна Македонија и 12 локации во Грција се претставени од птичја перспектива со помош на технологијата на дронови, преку проектот „Од горе“, што се реализира преку европските фондови.

Целта е да се прикажат најдобрите природни и географски знаменитости  на спектакуларен  и досега несоодветен начин.

АППТ информира дека од 12-ти до 14-ти овој месец природните убавини, националните паркови, активните форми на туристичка понуда се презентираат преку видео материјали, виртуелно реални видеа во 360 степени кои го привлекуваат вниманието на голем број посетители.

На заедничкиот изложбен простор се одржуваат Б2Б средби со туроператори кои имаат предлози за нови  кружни патувања и посета на двете земји од италијански туристи.

Од АППТ појаснуваат дека спектакуларното воздушно патување низ областите од Вардар до Галичица, како и езера, реки и водопади ќе ја прикажува граничната природа и географските знаменитости на начин кој досега не е претставен.

АППТ посочува дека ќе се креираат и објавуваат  извонредни тајмлапс видеа што ќе се снимаат во текот на четири различни сезони, со што ќе се овозможи визуелно да се прикаже промената на годишните времиња во секунди.

-Силна порака за туризмот и туристичката дипломатија со заедничко претствување на македонските и грчките туристички потенцијали како една туристичка дестинација, комплементарна со атракции овозможувајќи голема конкурентност и можност за поголем број туристи и ноќевања во следните неколку години, вели во пишана изјава Љупчо Јаневски, директор на АППТ. 

Јаневски  истовремено потенцира дека се потврдува неговата заложба за поголема соработка и искористување на можностите со аплицирање за туристички проекти поддржани од европските фондови за градење нова инфраструктура во туристичката индустрија во повеќе полиња.

Заедничкиот настап на саемот во Милано е дел од проектот „Interreg IPA CBC ABOVE” кофинансиран од Европската Унија. лв/ац/

фото МИА Архива

Остани поврзан