Македонски дестилерии со 26 златни медали на меѓународен фестивал во Зеница, гранд при за „лозова" на „Дамјанов“
- Македонски производители на ракија, од кои повеќето членови на Здружението „Македонски дестилерии", освоија 26 златни медали на меѓународен фестивал во Зеница. Гранд при за „лозова" освои семејната винарија „Дамјанов" од Кавадарци.
Кавадарци, 24 февруари 2024 (МИА) - Македонски производители на ракија, од кои повеќето членови на Здружението „Македонски дестилерии", освоија 26 златни медали на меѓународен фестивал во Зеница. Гранд при за „лозова" освои семејната винарија „Дамјанов" од Кавадарци.
-Наградите се доделуваат вечерва во Босна и Херцеговина, за нашиот успех сме известени преку е-мајл пораки, откако претходно испративме мостри од нашите производи на овој интернационален натпревар. Станува збор за меѓународен фестивал на јаки алкохолни пијалоци, овошни ракии, насловен „Златни чокањ" или по наше, „златно чоканче". Оценувањето на мострите го вршеа стручни лица, на чело со претседателот на комисијата, професор Нермина Спахо од Земјоделски факултет во Сараево, информираа за МИА денеска од Здружението.
Оттаму соопштија дека на натпреварувањето учествувале 350 учесници со 750 мостри на пијалоци од 12 земји. Македонски претставници учествувале со 31 мостра и сите освоиле награди - 26 златни, три сребрени и две бронзени.
Задоволство од високите оценки на македонското производство изразија и од семејната винарија „Дамјанов", чии ракии претходно освоија гранд при и на меѓународниот натпревар „Отворен Балкан" во Белград, Србија.
-Ова е доказ дека сме на вистинскиот пат со почитувањето на традицијата за производство на производи од грозје, презентацијата и промоцијата на македонското производство, подвлече Спиро Дамјанов, нагласувајќи дека се зголемува бројот на семејни винарии и дестилерии и редовно се освојуваат бројни награди за квалитет во земјава и странство. свд/фф/
Фото: Семејна винарија „Дамјанов"