• понеделник, 25 март 2024

Македонскиот јазик од следната академска година ќе се изучува на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав

Македонскиот јазик од следната академска година ќе се изучува на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав

Скопје, 3 јуни 2023 (МИА) - Македонскиот јазик од следната академска година ќе се изучува и на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав во Полска. 

- Заемната определба да се вложува во перспективите за македонистиката во Полска дава конкретни резултати. По одбележувањето на јубилејот 35 години Лекторат по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, од следната академска година, македонскиот јазик ќе се изучува и на додипломските студии на Универзитетот во Вроцлав. Определбата македонскиот јазик уште посилно да одекнува во светот не е само желба, туку секојдневно е стварност, истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска по завршување на 11. Македонско-полска конференција во Катовице и по чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец.

Наставата во Вроцлав ќе ја изведува полската македонистка, д-р Марија Стришевска, која е семинаристка на школите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

- На Универзитетот на кој великиот Блаже Конески, кој е меѓу најзаслужните за воспоставувањето и развивањето на македонско-полските културни врски во минатиот век, во 1973 година бил прогласен за dokctor honoris causa, половина век потоа ќе се одвива настава по македонски јазик уште од почетно рамниште на додипломските студии. Се случува нешто на што нè обврзува историјата, затоа што на овој Универзитет, интересот за македонистиката е континуиран и потоа, особено заради успешната работа на Македонистиката работилница основана од еден од најистакнатите полски македонисти, акад. Јан Соколовски, кој и денес е постојано посветен на македонистиката што се потврди и на Конференцијата. Но, особено ни е драго што наставата во Вроцлав ќе ја изведува полската македонистка, д-р Марија Стришевска. Таа е семинаристка на школите на МСМЈЛК при УКИМ и сето она што преку лекторската настава и предавањата на школите во текот на изминатите години го вложивме во неа сега постанува влог во нови генерации полски македонисти. Ова е конкретен пример дека вложувањата во актуелните генерации странски македонисти не се само за сегашноста, туку пред сè за иднината на странската македонистика, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Веста за отпочнувањето со академска настава по македонски јазик на Универзитетот во Вроцлав беше соопштена од амбасадорот Илија Псалтиров.

Според директорката на МСМЈЛК при УКИМ, значајно е што веќе се видливи дипломатските заложби за статусот на македонистиката на странските универзитети и за поддршка на заложбите за развој на странската македонистика.

- Се надевам дека тоа не е привремена пројава, туку дека ќе биде постојана, секојдневна практика, затоа што странската македонистика мора да биде државен приоритет, рече Мојсова-Чепишевска.

Додаде дека и онаму каде веќе има традиција на интерес и посветеност за македонскиот јазик, потребни се вложувања и посветеност за таа да продолжи да се развива. 

- Затоа, во рамки на чествувањето на јубилејот на Лекторатот по македонски јазик во Сосновјец, со колегите од Полска и натаму разговаравме со конкретни предлози за унапредување на наставата по македонски јазик, литература и култура на Шлезискиот универзитет, со цел поттикнување и поголем интерес за македонистиката кај новите генерации студенти. Верувам дека и сето она за што разговаравме и го споделивме како предлог ќе се оствари, како што се оствари и сето она што го планиравме во рамките на чествувањето на јубилејот, истакна Мојсова-Чепишевска. бак/

Фото: МСМЈЛК при УКИМ

 

Остани поврзан