• сабота, 21 декември 2024

Македонскиот краткометражен филм „Сценариото“ на Александра Кардалевска со голем успех на светските филмски фестивали

Македонскиот краткометражен филм „Сценариото“ на Александра Кардалевска со голем успех на светските филмски фестивали

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Краткометражниот филм „Сценариото“ (The Script) на режисерката Александра Кардалевска доживува голем успех на светската филмска сцена и освојува бројни награди и селекции на реномирани фестивали ширум светот. По успешната светска премиера на престижниот 45-ти Московски филмски фестивал и меѓународната премиера на 29-тиот Фестивал на фантастични филмови во Билбао, филмот имаше можност да се прикаже на бројни значајни филмски настани како што е „FilmQuest“- еден од водечките жанровски фестивали во светот што се одржува во Јута, САД, потоа Фестивалот Cinefantasy во Сао Паоло, Бразил, како и низа други меѓународни фестивали.

Како што информира продукцијата „Круг филм“, досега филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: Наградата од публика на 33-тиот Фестивал на фантастични филмови Манчестер, Големата награда од жирито на Бакунава Фест, Филипини, најстариот и најголем фестивал за жанровски филмови во Азија, награда на CineLibri во Бугарија, награди на Фестивалот Фантазмагорија во Колумбија, Фестивалот Paradise во Унгарија, наградата на Galactic Imaginarium во Романија, Descubierto Fantasy Film Festival во Перу, како и две значајни награди – Главната награда од жирито и Наградата од критиката – на фестивалот Fantasy Day во Италија. Исто така филмот ја освои наградата за најдобро сценарио на „Balkan Nordic Film Festival“ во Стокхолм и награда за најдобра кинематографија на Cinematic European Film Festival во Романија.

Филмот беше прикажан и пред домашната публика на неколку македонски фестивали каде ја освои наградата за Најдобар краткометражен филм на фестивалот „Преку Езерото“ во Дојран и TIFF ODA во Тетово, а на „Астерфест“ во Струмица ја освои наградата за Најдобро сценарио.

- Со своето учество и успех на овие фестивали, „Сценариото“ не само што придонесува за интернационалната промоција на македонската кинематографија, туку и ја носи уметноста на Кардалевска до публика ширум светот. Филмот раскажува фантастична приказна која одекна и кај публиката и кај критичарите, а неговиот успешен фестивалски живот е доказ за посветеноста на целата актерска и креативна екипа што стои зад филмот, стои во соопштението.

Во „Сценариото“ кое е подржано од Агенцијата за филм, играат истакнати актери, меѓу кои се Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Визуелната естетика на филмот е дело на директорот на фотографија Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата е на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска Живковска.

Филмот е во продукција на Лајт Продакшн, во копродукција со „Круг филм“ и Алка Филмс од Скопје, Ikone Studio од Косово и Kube Studios од Албанија. мд/са/

Фото: „Круг филм“

Остани поврзан