Мадуро испраќа ирански ракетни чамци во Карипското Море
- Венецуелската морнарица распореди брзи ракетни чамци од класата „Пејкап-III“, набавени од Иран, како одговор на распоредувањето на нови американски воени бродови во близина на венецуелските територијални води, објавија руски телеграм-канали
Каракас, 6 септември 2025 (МИА) – Венецуелската морнарица распореди брзи ракетни чамци од класата „Пејкап-III“, набавени од Иран, како одговор на распоредувањето на нови американски воени бродови во близина на венецуелските територијални води, објавија руски телеграм-канали, пренесува Кликс.
The Venezuela Navy deployed Iranian-built Peykaap-III (Zolfaghar-class) fast attack craft equipped with CM-90 Anti-Ship Missiles (ASCM) supplied by Iran. pic.twitter.com/vc2aiSIKxI
— OSINTWarfare (@OSINTWarfare) September 6, 2025
Секој чамец може да носи две противбродски ракети „CM-90“ со дострел до 90 километри и боева глава од 130 килограми, што овозможува потопување или тешко оштетување на различни типови пловила.
Според извештаите, овие чамци, поради своите мали димензии, претставуваат сериозна закана во територијалните води. Договорот за нивна набавка беше потпишан кон крајот на 2023 година во рамките на енергетската соработка меѓу Венецуела и Иран. Овој потег на претседателот Николас Мадуро, заедно со сè почести средби меѓу венецуелските авиони и американските бродови, се толкува како обид да се прикаже воениот одговор на потенцијална американска инвазија како крајна, но реална опција.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за извршување воени напади насочени кон нарко-картели што дејствуваат во Венецуела.
Си-Ен-Ен, повикувајќи се на повеќе извори, објави дека тоа вклучува можни напади во самата земја.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, синоќа изјави дека Каракас е подготвен да премине од „политичка фаза“ во „фаза на вооружена борба“ во случај на напад од страна на САД, во услови на ескалација на тензиите меѓу двете земји, јави ДПА.
-Моментално сме во политичка фаза, рече Мадуро во коментарите емитувани на венецуелската државна телевизија. - Но, ако Венецуела биде нападната на кој било начин, ќе преминеме во фаза на вооружена борба, додаде претседателот на таа држава. ссм/
фото: архива