• сабота, 25 мај 2024

Лутовац: Пишавме до ОБСЕ, бараме од нив да посредуваат во разговорите меѓу власта и опозицијата за изборите

Лутовац: Пишавме до ОБСЕ, бараме од нив да посредуваат во разговорите меѓу власта и опозицијата за изборите

Белград, 10 април 2024 (МИА) - Претседавачот со ОБСЕ, Јан Борг денеска во Белград оствари средби со државниот врв на Србија, но не и со опозицијата. Претседателот на Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац изјави дека опозицијата и пишала на ОБСЕ и побарала таа организација да назначи специјален пратеник кој ќе посредува меѓу власта и опозицијата за изборните услови, јави дописникот на МИА од Белград.

Лутовац за порталот „Данас“ изјави дека предлогот на опозицијата се заснова на посредувањето на ОБСЕ во преговорите меѓу власта и опозицијата да доведе кон спроведување на препораките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за изборитените услови.

-Суштината на нашиот предлог е ако имате разговор меѓу две страни, едната не може да посредува, туку некој што има интегритет и почит кон двете страни, а тоа е ОБСЕ, рече Лутовац.

Коментирајќи го тоа што претседавачот со ОБСЕ Јан Борг нема да се сретне со опозицијата за време на посетата на Србија, тој рече дека не е многу изгубено, бидејќи сè околу изборите ќе може да се дознае од средбите со граѓанскиот сектор, од писмото испратено од опозицијата како и, дополнително, ОБСЕ веќе има увид во извештајот на ОДИХР, кој е недвосмислено негативен за актуелната власт, бидејќи во него јасно стои дека изборите не биле фер и демократски.

-Доколку посетата се сведе на она што го добиле како информација од властите, тогаш посетата нема големо влијание врз преговорите меѓу власта и опозицијата, но доколку Борг го земе предвид писмото испратено од опозицијата во консултација со поширока академска заедница, тогаш може да дојде до промени, оцени Лутовац.

Во писмото, додаде тој, се укажува на суштината на проблемот и како тој може да се надмине, а тоа, според него, е спроведување на препораките на ОДИХР со учество на опозицијата и граѓанскиот сектор.

-Важно е сето ова да се случи доволно рано за овие промени да имаат влијание на следните избори. Во моментов го немаме тоа, ОБСЕ би можел да помогне со своето посредување, за да се престане со негирање на проблемот и, од друга страна, она што самите нивни претставници го предложија, односно да има инклузивен пристап и да има доволно време за имплементација, рече Лутовац.

Новите избори за градот Белград веќе се распишани за 2 јуни, а се пореален е бојкотот на опозицијата на овие избори. об/рп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан