Лукаревска и Јаревски на конференција во Брисел: Усогласување со новата финансиска рамка на ЕУ и поддршка за земјите кандидати
- Пратениците Сања Лукаревска и Тони Јаревски учествуваа на интерпарламентарна конференција посветена на стабилност, економска координација и владеење во ЕУ, што се одржа на 23 и 24 февруари 2026 година во Брисел, Белгија.
Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Пратениците Сања Лукаревска и Тони Јаревски учествуваа на интерпарламентарна конференција посветена на стабилност, економска координација и владеење во ЕУ, што се одржа на 23 и 24 февруари 2026 година во Брисел, Белгија.
Конференцијата, како што се информира собраниската прес-служба, беше организирана од Европскиот парламент и од Домот на претставниците на Република Кипар во рамките на кипарското претседателство со Советот на министрите на ЕУ. На настанот учествуваа и претставници од националните парламенти на земјите членки и кандидатите за членство во ЕУ, како и претставници од повеќе европски институции.
Во фокусот на дискусиите беа финансирање на буџетот на ЕУ, новата повеќегодишна финансиска рамка, можностите и предизвиците на единствениот европски пазар, отпорноста на пазарот на труд во рамките на ЕУ. Беше посочено дека се предлагаат нови извори на финансирање за поддршка на проекти што ќе ја зголемат конкурентноста на европската економија, со посебен акцент на инвестиции во образование, дигитализација, зелена енергија, земјоделство, одбрана и рамномерен регионален развој.
- Спроведувањето на потребните реформи ќе придонесе за дополнителен развој на единствениот европски пазар. Исто така, и пазарот на труд треба да се приспособува на новите технологии и затоа од особено значење ќе биде постојаната едукација на вработените за да може да одговорат на новите предизвици - се наведува во соопштението.
Во своето излагање Лукаревска истакна дека Република Северна Македонија, како и другите земји кандидати за членство во Европската Унија, треба да ја следат повеќегодишната финансиска рамка и да инвестираат во истите сектори, како што е предвидено и на ниво на ЕУ, со што ќе се овозможи побрзо усогласување на нивните економии и општества при идното членство во ЕУ.

Како пратеничка од земја кандидат за членство во ЕУ, Лукаревска особено го поздрави делот од повеќегодишната финансиска рамка 2028 - 2034 година, кој се однесува на поддршката на земјите кандидати за членство во ЕУ преку инструментот „Глобална Европа“, кој претставува продолжение на повеќедецениската поддршка што ја добиваме од ЕУ. Добро би било дел од оваа поддршка да биде насочена за прекугранична соработка меѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство и особено во делот на заштита на животната средина.
Во однос на рамномерниот регионален развој, според неа, позитивно е што и со предложената финансиска рамка се планираат значителни инвестиции во помалку развиените региони со цел да се овозможи рамномерен регионален развој. Пратеничката изрази надеж дека за периодот на важност на новата повеќегодишна финансиска рамка 2028 - 2034 година, Република Северна Македонија и другите земји кандидати ќе станат земји членки на Европската Унија.
Пратеникот Јаревски истакна дека како земја кандидат спроведуваме низа реформи во повеќе сектори, со цел да се приклучиме кон ЕУ и да бидеме дел од единствениот европски пазар.
Тој посочи дека во делот на енергетиката како членка на Енергетската заедница, земјава го транспонира потребното европско законодавство, со цел што побргу да пристапиме кон европскиот енергетски пазар.
- Последите години значајни инвестиции се прават и во делот на дигитализацијата и сè повеќе се нудат разни форми на дигитални усуги. Во наредниот период една од најзначајните заеднички цели на земјите од Западен Балкан е со заеднички настап да се постигне договор и со ЕУ за драстично намалување на цените за користење на роаминг услугите - истакна Јаревски.
Посочи дека за слободно движење на стоките и зголемување на трговската размена секако големо значење има и инфраструктурното поврзување помеѓу земјите. Позитивно го оцени неодамнешното ратификување на договорот во македонскиот и во бугарскиот парламент за железничко поврзување, со што се овозможува реализацијата на овој значаен проект, кој е дел од Коридорот 8. За полесно и побрзо интегрирање на земјите од Западен Балкан на единствениот европски пазар во рамките на Берлинскиот процес, потпишана е заедничка декларација за создавање заеднички регионален пазар. Целта на неговото создавање е посилна економска интеграција на регионот на Западен Балкан и подготовка со поголемата конкуренција на заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ.
Јаревски изрази надеж дека актуелниот проблем со возачите на камиони, кои потекнуваат од земјите на Западен Балкан, што побргу да биде решен во насока на унапредување на надворешнотрговската размена. дма/са/
Фото: Собрание