• сабота, 15 јуни 2024

Лосон на средба кај Сиљановска Давкова, упати порака за продлабочување на евроинтеграцијата и билатералните односи

Лосон на средба кај Сиљановска Давкова, упати порака за продлабочување на евроинтеграцијата и билатералните односи

Скопје, 20 мај 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Метју Лосон.

На средбата, како што информира Кабинетот на претседателката, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата.

Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.

- Како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.

- Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат, се вели во честитката од кралот Чарлс Трети. мд/ац/

Фото: Кабинет на претседателката Сиљановска Давкова

 

 

Остани поврзан