• петок, 27 декември 2024

Лондон: Украинците се подготвени да ги опколат руските сили во Буча и во Ирпин

Лондон: Украинците се подготвени да ги опколат руските сили во Буча и во Ирпин
Лондон, 24 март 2022 (МИА) - Според најновата разузнавачка процена на британското Министерство за одбрана украинските сили го зголемуваат притисокот врз руските војници североисточно од Киев. - Украина продолжува да извршува успешни контранапади против Русите надвор од главниот град, се наведува во извештајот. Исто така се посочува дека украинските сили најверојатно ќе ја вратат контролата врз градовите Макарив и Мошун. - Постои реална можност украинските сили сега да можат да ги опколат руските единици во Буча и во Ирпин, соопшти британското Министерството за одбрана. Според британските воени претставници руските трупи североисточно од Киев се соочуваат со значителни проблеми со снабдувањето и моралот. - Успешните контранапади на Украина најверојатно ќе ја нарушат способноста на руските сили да се реорганизираат и да продолжат со офанзивата врз Киев, се истакнува во извештајот. И Пентагон претходно соопшти дека украинската армија ги потиснаа руските сили и сега линијата на фронтот е на околу 55 километри источно од центарот на Киев. Висок американски претставник на брифинг во Пентагон истакна дека тоа е зголемување од 25 до 35 километри во споредба со вчерашната линија на фронтот. Според него северозападно од центарот на Киев, руските сили „заземаат одбранбени позиции“. Тие остануваат на 15 до 20 километри од центарот на Киев на северозапад. Тој посочи дека руските сили се поактивни во регионот на Донбас, источна Украина. ми/

Остани поврзан