• петок, 22 ноември 2024

Локални избори во Турција

Локални избори во Турција

Анкара, 31 март 2024 (МИА) – Во Турција денеска се одржуваат локални избори на кои нешто повеќе од 61 милион регистрирани гласачи ќе ги изберат локалните власти со мандат од пет години, јави агенцијата Анадолија.

Околу 208.000 избирачки места се отворени за гласање. Гласањето ќе трае од 7 до 16 часот во 32 региони на истокот на земјата и од 8 до 17 часот по локално време во остатокот од Турција.

Во големите градски средини, гласачите избираат градоначалници, градоначалници на општини, состави на општински совети и канцелариите на мухтари и совети на старешини, а такви избори ќе се одржат во големите градови како Адана, Анкара, Анталија, Ајдин, Баликесир, Бурса, Денизли, Дијарбакир, Ерзурум, Ескишехир, Газиантеп, Хатај, Истанбул, Измир, Кахраманмараш, Кајсери, Коџаели, Коња, Малатја, Маниса, Мардин, Мерсин, Мугла, Орду, Сакарија, Самсун, Шанлиурфа, Текирдаг, Трабзон и Ван.

Во областите кои немаат статус на голем град, гласачите ќе избираат состави на обласни собранија, градоначалници на општини, состави на општински совети и канцеларии на мухтари и совети на старешини.

На терен ќе има и 1.004 мобилни гласачки тимови кои ќе ги посетуваат гласачите кои поради болест не се во состојба да дојдат на гласање.

Отворањето на гласачките кутии и пребројувањето на гласовите ќе почне по затворањето на гласачките места, а првите резултати се очекуваат за градоначалничките места.

Врховната изборна комисија на Турција претходно соопшти дека се е подготвено за денот на изборите, на кој ќе важи изборниот молк.

Претседателот на Врховната изборна комисија, Ахмет Јенер, соопшти дека се преземени сите мерки за изборите да се одржат во безбедна средина.

На денот на изборите, од 6 до 24 часот, забранета е продажба на алкохолни пијалоци на кој било начин, послужување или консумирање на какви било алкохолни пијалоци во угостителските објекти и јавните места.

За време на гласањето се затворени сите јавни места за забава како кафулиња, кафетерии и интернет кафулиња, а во рестораните се служи само храна.

На денот на гласањето, радиостаниците и сите медиуми нема да можат да емитуваат вести, предвидувања или коментари за изборите и нивните резултати до 18 часот.

Од 18:00 до 21:00 часот на радијата и на сите други медиуми може да се објавуваат само вести и соопштенија за изборниот процес издадени од Врховната изборна комисија.

Забраната за емитување на вести од изборите завршува во 21 часот, освен ако Врховната изборна комисија не одлучи да ја укине порано.

Фото: Анадолија

Остани поврзан