• недела, 22 декември 2024

Лога: ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судски совет и Совет на јавни обвинители

Лога: ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судски совет и Совет на јавни обвинители

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) - Министерот за правда од техничката Влада, Кренар Лога, смета дека ЕУ и САД нема да се согласат со распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, нешто што го најавуваа ВМРО-ДПМНЕ како дел од активностите за подобрување на состојбата со правосудството.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Лога потсети дека минатата недела испратил писмо до дел амбасадите во земјава, како и до официјален Брисел и Вашингтон, со кое изразил загриженост за намерата. Според него, во Извештајот од Оценската мисија на Европската Унија, децидно е кажано дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми.

- Децидно ни е кажано во Извештајот на Оценската мисија дека мора да има континуитет и дека државните институции не може да поминуваат низ трауми. Вие ќе имате нов состав, а утредента ќе треба да имате оценување на судии. Значи, утредента ќе имате можност да именувате нови судии, рече тој.

Министерот во заминување смета дека „лекот“ за Судскиот совет е најден, а како што рече, тоа се препораките од Оценската мисија на ЕУ кои, според него, треба да се пресликаат и за Советот на јавни обвинители.

Најави дека Министерството за правда неделава може да објави нацрт-измени на Законот за Судски совет врз основа на препораките од Оценската мисија на ЕУ.

- Јас ќе одам од тоа министерство, меѓутоа министерството останува, работната група останува. Таму се опишани сите задачи што ги преземавме како одговорност. Дел од нив беа доверлив материјал кој не смее да се објавува, така што и пред да дојдам кај вас во емисија, јас се консултирав со работната група. Тие се при крај и многу се загрижени во овој дел, бидејќи вложиле труд. Исто така, тој дел од работната група во континуитет е во комуникација со претставници на Европската Унија и тие, како и нашите партнери, се загрижени од овој потег, бидејќи вие го имате лекот донесен од експерти предводени од поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, а во меѓувреме барате лек за кој не знаете дали вистински ќе делува, рече министерот.

Лога вели дека ќе бидат неопходни и уставни измени во делот на правосудството, на пример, за да се реши прашањето за (не)учеството на министерот во работата на Судскиот совет, како и интервенции во делот на државната ревизија и правобранителство.

Во врска со прашањето за измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, во вечерашното интервју, министерот кој е дел од Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села изјави дека имале состанок со коалицијата „Европски фронт“ на кој биле информирани дека има покана од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која не се однесувала само на конкретниот закон.

- Пред да има такво гласање за измените, неколку дена претходно имавме состанок на коалицијата „Европски фронт“ во поширок состав на претседатели и други претставници на партиите, на кој бевме информирани дека има покана од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, или некаков вид на покана преку трети лица. Дискутиравме и едно од прашањата беше како понатаму, односно дали да седнеме да разговараме, или да се водиме со тоа што веќе е најавено, односно да продолжиме да бараме легитимитет. Се дискутираше и едногласно се стигна до ставот дека треба да се седне со ВМРО-ДПМНЕ и да се отворат сите прашања, рече Лога.

Оваа покана од ВМРО-ДПМНЕ, според него, била општа, а не само за измените на Законот за реорганизација на министерствата.

Во однос на соопштението од ВМРО-ДПМНЕ по средбата со претставници на „Европскиот фронт“ во кое се вели дека „законот е работен со поддршка на меѓународните партнери на државата и е дел на ИПА-програмата на Европската Унија“, тој рече дека нема такви информации.

- Во овој дел што тие го кажуваат, немам никакви информации бидејќи до ден-денес немам слушнато нешто такво. Не верувам дека е така како што вика ВМРО-ДПМНЕ бидејќи ако имаше таков документ, сигурно ќе беа пред нас во јавност и ќе моравме да молчиме пред тие факти, рече тој.

На прашањето зошто пратениците од Алијанса за албанците не го подржаа законот, лога одговори дека легитимитетот се добива од страна на Фронтот, а не од Коалицијата „Вреди“.

- Имавме внатрепартиски дискусии и во Собрание кога имаше координација на пратеничката група за тоа дали да се гласа. Секој воден од своето искуство ги кажуваше ставовите – ние имаме искуство како конструктивна опозиција околу десет години, ДУИ има искуство од повеќе од дваесет години од власт и нивен став беше дека треба да се даде шанса на новото мнозинство и дека овој легитимитет се добива од страна на Фронтот, а не од ВЛЕН бидејќи без гласовите на „Европски фронт“ законот не можеше да помине, рече министерот во заминување. ар/лв/
Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан