• петок, 22 ноември 2024

Литургиско празнување на првиот ктитор свети Јован Дебранин-Бигорски, архиепископ охридски

Литургиско празнување на првиот ктитор свети Јован Дебранин-Бигорски, архиепископ охридски
Дебар, 12 септември 2022 (МИА) – По одбележувањето на патронот, заштитник, закрилник и небесен застапник, светиот славен и чесен пророк, Претеча и Крстител господов, Јован, Бигорски манастир денеска му оддаде почит на првиот ктитор на светата Бигорска Обител, свети Јован Дебранин-Бигорски, архиепископ охридски. -По големата манастирска слава во чест на Усекновението на Чесниот Претеча, која со големо торжество, великолепие и соборност беше прославена за време на викендот, денеска свештената Бигорска Обител со Божествена Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, му оддаде чест на Светиот Јован Дебранин – Бигорски, Архиепископ Охридски, рече отец Кирил. Додаде дека тој е, всушност, првиот ктитор на Светата Бигорска обител, кој пред повеќе од илјада години на ова место бил избран од Свети Јован Крстителот да биде првиот основател на неговото славно светилиште. -Благодарствено спомнувајќи си и за сите наши претходници кои дале придонес во градењето и издигнувањето на Бигорски и за оние кои си ги вложиле животите во темелите на оваа Светиња, со молитва кон Бога просиме упокоение, мир и живот вечен. Инаку, според традицијата на православната Црква, споменот на ктиторите се слави следниот ден по главната храмова слава. По молитвите на Свети Јован Дебранин – Бигорски, Господ Бог да ја сочуваа оваа Света и славна Претечева Обител до свршетокот на светот, посочи отец Кирил. Синоќа, пак, според него одржана била ктиторска вечерна богослужба, којашто, според црковната традиција, се служи на денот од храмовата слава, а потоа и панихида за Јован Дебранин, архиепископ Охридски, кој го основал овој славен Манастир во 1020 лето, на местото каде што, според преданието и древните манастирски летописи, како пустиножител ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован Крстител. -Со молитва и должна благодарност се потсетивме на нашите блажени и секогаш спомнувани ктитори: јеромонахот Иларион од дебарското село Татар Елевци, кој во средината на 18. век ја започнал обновата на Бигорски и го купил имотот во Рајчица; јеромонахот Митрофан од Лазарополе, кој го изградил сегашниот прекрасен храм во 1800 година; архимандритот Арсениј од Галичник, кој многу се потрудил околу благолепието на црквата и во негово време бил изработен насекаде познатиот иконостас, биле донесени делчето од Чесниот Христов Крст и светите мошти и положени во тогаш изработениот прекрасен кивот, била изградена манастирската трпезарија и конакот Горни палат, а исто така и храмот на Свети Георгиј Победоносец во метохот во Рајчица; јеромонахот Јоаким, кој го наследил неговото дело и подвиг, наведува отецот. Потоа освен за овие најзвучни имиња од долговековната историја на Бигорскиот манастир, ние се помоливме, вели тој, и за „сите други монаси, игумени, дарители, градители, благоукрасители, кои нѐ задолжиле со ова непроценливо духовно богатство што го имаме денес“. вт/вг/

Остани поврзан