Литванското обвинителство ја обвини ГРУ за пожарот во Икеа минатиот мај
- Литванското обвинителство денеска ја обвини Руската воена разузнавачка служба (ГРУ) за организирање на подметнувањето пожар во продавница на Икеа во Вилнус минатиот мај, укажувајќи на тоа дека шведскиот трговски синџир можеби бил мета бидејќи неговото лого ги има истите бои како и украинското знаме.

Вилнус, 17 март 2025 (МИА) – Литванското обвинителство денеска ја обвини Руската воена разузнавачка служба (ГРУ) за организирање на подметнувањето пожар во продавница на Икеа во Вилнус минатиот мај, укажувајќи на тоа дека шведскиот трговски синџир можеби бил мета бидејќи неговото лого ги има истите бои како и украинското знаме.
Истрагата откри дека пожарот во продавницата на Икеа бил поврзан со руското воено разузнавање, преку синџир од повеќе од 20 посредници, изјави Артурас Урбелис од Канцеларијата на литванскиот главен обвинител.
- Синџирот вклучува организатори, потоа уште повеќе организатори за конкретни цели, потоа повеќе посредници, сè до сторителот. Тоа е систем на повеќе нивоа, многу сложен, им рече Урбелис на новинарите.
Тој додаде дека продавницата Икеа не е избрана случајно, наведувајќи дека компанијата ја прекинала работата во Русија по инвазијата на Украина и дека боите на Икеа се „исти како и украинското знаме“, што според него има „силно симболично значење“.
Урбелис рече дека пожарот, кој бил предизвикан од темпиран детонатор во утринските часови на 9 мај, бил брзо локализиран. Тој додаде дека на двајца украински државјани, еден под 20 и еден под 18 години во моментот на подметнувањето пожар, за нивните напори им биле понудени 10.000 евра и половно возило БМВ. Тие направиле бројни патувања во Вилнус од Полска за да го извидат теренот и да се подготват. Според Урбелис, еден од нив потоа бил приведен во Литванија, а другиот во Полска, и на двајцата ќе им се суди во тие земји.
Пожар избувна во продавница на ИКЕА во главниот град на Литванија три дена пред пожарот во трговски центар во соседна Полска, за кој тамошните власти соопштија дека се сомневаат дека може да биде дел од растечката руска саботажа. јт/
Фото: ЕПА