• четврток, 26 март 2026

Лидерот на ЦХП, Озел се соочува со кривична постапка поради навреда на Ердоган

Лидерот на ЦХП, Озел се соочува со кривична постапка поради навреда на Ердоган

Анкара, 7 јули 2025 (МИА) – Лидерот на турската најголема опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), Озгур Озел се соочува со кривична постапка за наводна навреда на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, откако остро ги критикуваше апсењата на градоначалниците од ЦХП.

Јавното обвинителство во Анкара почна истрага по говорот на Озел по серијата апсења во текот на викендот. Тој се товари за јавно поттикнување кривични дела, како и за навреди и закани кон јавни службеници.

Озел пред два дена изјави дека Владата се заканува дека ќе ги укине изборите.

- Никој не треба да се однесува како водач на банда, посочи Озел.

Во саботата приведени се градоначалниците од ЦХП на Адана, Адијаман и на Анталија под обвинение за корупција, како и новинарот Тимур Сојкан поради објавување на статија на Икс, во која ја критикуваше Владата. Тој е ослободен со кауција.

На 4 јули беа приведени градоначалникот на Манавгат и 33 вработени во Општината поради наводна корупција. Под исто обвинение на 1 јули полицијата ги приведе градоначалникот на Измир, 20 опозициски општински претставници, како и покраинскиот лидер на ЦХП.

Функционерите во општините контролирани од ЦХП годинава се соочија со бран апсења, меѓу кои и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу под обвинение за корупција и поддршка на терористичка организација. Неговото апсење предизвика масовни протести во поголемите градови во Турција, кои доведоа до судири со полицијата и стотици приведени, вклучително и новинари. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан