• недела, 24 ноември 2024

Либан соопшти дека Израел извршил серија напади врз предградија на Бејрут

Либан соопшти дека Израел извршил серија напади врз предградија на Бејрут

Бејрут, 12 ноември 2024 (МИА) – Серија израелски напади беа извршени денеска врз јужните предградија на Бејрут, упориште на движењето Хезболах, откако израелската армија повика на евакуација, јавија либанските медиуми, без да прецизираат дали имало жртви.

Либанската агенција АНИ јави дека израелските воздухопловни сили извршиле десет напади врз јужните предградија.

- За ваша безбедност и безбедноста на членовите на вашето семејство, мора веднаш да ги евакуирате овие згради и оние во близина и да се оддалечите од нив најмалку 500 метри, изјави неименуван портпарол на израелското Министерство за одбрана на арапски непосредно пред нападот.

Од крајот на септември, израелските воздухопловни сили редовно ги гаѓаат јужните предградија на Бејрут, каде што живеат околу 600.000 до 800.000 луѓе.

Во знак на поддршка на Хамас во Појасот Газа, Хезболах отвори фронт против Израел на 8 октомври 2023 година, секојдневно гаѓајќи ја израелската територија од јужен Либан.

На 23 септември годинава тие непријателства се претворија во отворена војна со интензивни израелски напади, наводно само против упоришта на либанското движење, но сепак со цивилни жртви.

Повеќе од 3.240 луѓе се убиени во Либан од 23 септември, од кои повеќето цивили, соопшти либанското Министерство за здравство. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан