Лечиќ на МФФ Киненова: Културата на овие простори може да ги надмине сите бариери
- Наградата ми значи многу, иако се разбира, сум добивал бројни награди на меѓународен план и регионално, во сферата на театарската и филмската работа. Освен оваа награда, драга ми е и наградата „Орландо“ добиена во Дубровник за најдобро остварување во последните десет години. Ова е важно бидејќи докажува дека културата на овие простори може да ги надмине сите бариери, рече актерот Бранислав Лечиќ, кој е годинашен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност.
Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Наградата ми значи многу, иако се разбира, сум добивал бројни награди на меѓународен план и регионално, во сферата на театарската и филмската работа. Освен оваа награда, драга ми е и наградата „Орландо“ добиена во Дубровник за најдобро остварување во последните десет години. Ова е важно бидејќи докажува дека културата на овие простори може да ги надмине сите бариери, рече актерот Бранислав Лечиќ, кој е годинашен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност.
Тој на денешната прес конференција на МФФ Киненова, зборувајќи за неговата професионална кариера, појасни дека случајно дошло до тоа да стане актер. Како многу млад, како што рече, имал идеја да се занимава со филозофија, но по разводот на родителите, останал да живее со мајка си, која работела како шивачка, па морал да научи стругарски занает за да придонесува финансиски во семејството.
-Веднаш ме примија кога конкурирав на Академијата, така што не ја пронајдов јас глумата, глумата ме пронајде мене. Таа за мене е многу повеќе отколку професија и занает и благодарен сум на таа случајност. Во моментов подготвувам неколку претстави во Белград, една од нив е „Олеана“ на Дејвид Мамет, американски писател кој направил дело кое е една од најиграните претстави во светот во моментов. Режијата е на Егон Савин, тоа е дуа драма и играме јас и Јована Крстиќ, а премиерно ќе биде изведена во Тиват на 19 ноември, рече Лечиќ.
Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“, дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, утревечер ќе го отвори осмото издание на МФФ Киненова.
Режисерката на филмот „Зад стоговите сено“, Асемина Проедроу на денешната прес-конференција сподели искуства од снимањето и успесите на филмот.
-Филмот се снимаше во време на ковид пандемијата и имаше повеќе предизвици. Соработката беше одлична, и благодарение на тоа успеавме бидејќи снимавме на три различни територии и две држави - Грција и Македонија. Дојранското езеро е всушност главната локација на која се одвива дејствието. Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021, во време на ковид пандемијата. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд Еуримаж. Станува збор за тоа како обични луѓе стануваат заробени во корупција, раскажа Асимина Проедроу.
„Зад стоговите сено“ доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу нашата држава, Грција и Германија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
-Навистина ни е драго што токму овој филм ќе го отвори фестивалот Киненова. Како продукција, низ годиниве внимателно одбираме во кој проект ќе учествуваме и досега имаме искуства со различни земји. Ова беше прва наша соработка со авторка од Грција и уште додека беше проект го видовме во Берлин и сметавме дека е важно да се развие културната соработка помеѓу двете земји, рече Ангела Несторовска од „Сектор филм“.
Таа раскажа дека иако имало предизвици со снимањето во време на ковид пандемијата, токму снимањето на сцените на граничниот премин успеале да ги снимат без вообичаени проблеми, бидејќи поради локдаунот немало движење на границата.бт/аа/
Фото/ Киненова