Лефков: Поднесовме предлози за изменување и дополнување на законите за земјоделство и рурален развој, и за стокови резерви
- На оризопроизводителите во Македонија итно им се потребни системски решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат.
Скопје, 6 мај 2022
На оризопроизводителите во Македонија итно им се потребни системски решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат.
За таа цел, а на барање на оризопроизводителите, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денес до Собранието поднесе предлози за изменување и дополнување на два закони.
Тоа се Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за земјоделство и рурален развој и Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за стокови резерви.
Со измените на Законот за земјоделство и рурален развој предвидуваме оризот да биде стратегиска земјоделска култура.
Со опфатот на оризот како стратегиска земјоделска култура ќе се обезбедат доволни количини за потребите на населението и задоволување на пазарот во состојба на глобална прехрамбена криза. Воедно ќе се овозможи на поедноставен начин да функционира пазарот, со што ќе се олесни откупот на оваа земјоделска култура и ќе се одбегнат ценовните манипулации.
Со измените на Законот за стокови резерви кои ги поднесуваме, се предлага оризот да добие третман на производ од посебно значење и да стане дел од производите кои ги сочинуваат стоковните резерви.
Со ова, Агенцијата за стокови резерви ќе може да работи со оризот како со другите култури и ќе овозможи пазарните вишоци да бидат откупени од страна на државата. Преку ова ќе имаме зголемен откуп и реални пазарни цени на оризот.
Неодговорниот однос на министерот Љупчо Николовски и на Владата на Ковачевски, ги доведоа оризопроизводителите во катастрофалната состојба, поради кое е неопходна брза и решителна акција на Собранието , затоа очекуваме барањето да се стави како точка на дневен ред на седницата која што ќе се одржи во вторник.
За крај, би сакал уште еднаш да упатам порака до парламентарното мнозинство, предлозите да бидат прифатени согласно Деловникот и да добиеме можност пред целата македонска јавност да дискутираме и аргументирано да дебатираме за оваа проблематика и за клучната потреба од измени на овие закони.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, интегрален текст од изјава за медиуми Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.