• четврток, 19 декември 2024

Лекарска комора одбележа 32 години постоење

Лекарска комора одбележа 32 години постоење

Скопје, 4 јуни 2024

- Лекарската комора одбележа 32 година од постоењето како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја на свеченоста организирана во „Куќата на уметноста“, во село Кнежино, во присуство на претставници на органите и телата на Комората, претставници на државни институции како и доктори од целата држава. Пригодни обраќања имаа претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова и заменик претседателот на Комората, доц. д-р Беким Исмаили.

„Времињата и околностите во кои живееме и работиме се турбулентни и променливи, но она што мора да биде нашата константа, како доктори, тоа е нашиот напор да се држиме до професионалното, стручно и квалитетно работење бидејќи само така ќе сме сигурни дека она што го правиме е токму тоа за што сме учеле и на што сме се обврзале. Комората останува да биде претставник на лекарите како и конструктивен партнер на креаторите на здравствените политики во креирање на подобри услови за работа на докторите и задржување на младите доктори во земјава, обезбедување достоинствени приходи и обезбедување на одржлив и квалитетен здравствен систем што претставува еден од основните сегменти на квалитетно општество. Верувам дека само заедно, со обединети сили, можеме да издејствуваме подобро утре и за нас, како доктори, и на нашите пациенти“, истакна проф. д-р Гривчева Стаределова во своето обраќање, давајќи пресек на активностите кои ги имаше Комората во изминатиот период.

Доц. д-р Исмаили поблиску се осврна на измените во начинот на кој се полага стручниот испит, што почнуваат од јунската испитна сесија.

„Писмениот дел од испитот ќе се полага на компјутер, преку посебена програма што ќе генерира тест со испитни прашања и понудени одговори, а докторите ќе може да одберат дали ќе полагаат на македонски или на албански јазик. На интернет страницата на Лекарска комора е достапна обновената база на испитни прашања, со што докторите добиваат подобра поддршка за подготовка за полагање на стручен испит. Со новиот начин на полагање, целиот процес ќе се забрза бидејќи тестовите од писмениот дел нема да треба да се прегледуваат од страна на комисијата, што е особено важно за испитните сесии во кои има голем број кандидати. За реализација на оваа активности се набавија компјутери, се изработи посебен компјутерски програм, а се адаптираше и соодветен простор“, истакна доц. д-р Исмаили.

На настанот беше врачено највисокото признание што го доделува Комората, наградата „Св. Наум Охридски“ која ја доби д-р Панче Арсов, интернист од Велес, со богато професионало искуство. Д-р Арсов претставува синоним за доктор кој посветено и одговорно се грижи за своите пациенти и несебично дава поддршка на колегите во секојдневната комуникација но и преку организираното дејствување во Комората и стручните здруженија.

Посебната награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек од трите медицински факултети, годинава ја добија Анастасија Петличковска - Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје, Бојана Кацарова  - Факултет за медицински науки, Универзитет Гоце Делчев Штип и Аљбина Рамадани – Факултет за медицински науки, Државен универзитет Тетово.

Плакетата за најдобар труд го доби трудот “Екстракорпорална фотофереза во третман на GVHD по алогена трансплантација на матични хематопоетски клетки”, чиј автор е д-р Лазар Ј. Чадиевски и коавтори д-р Александра Пивкова Велјановска, д-р Сања Трајкова, д-р Лидија Чевреска, д-р Борче Георгиевски, д-р Милче Цветаноски, д-р Невенка Ридова, д-р Симона Стојановска, д-р Божидар Кочоски и д-р Ирина Пановска Ставридис, сите од Оддел за трансплантација на хематопоетски матични клетки при ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, Скопје.

Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комора е одржана во просториите на Воената болница. Во Лекарската комора  во почетокот членувале доктори по медицина и доктори по стоматологија. Во 1995 година стоматолозите се издвојуваат и формираат нова Стоматолошка комора. Tриесет и две години подоцна Лекарската комора прерасна во почитувана, самостојна и независна професионална организација која е етаблирана на домашен и меѓународен план со свои јасни цели и јасна програма во рамки на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем. 

Со почит,

Лекарска комора на Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Лекарска комора 

Остани поврзан