• четврток, 21 ноември 2024

Легализацијата на истополовите бракови во Грција ги разниша односите меѓу црквата и државата

Легализацијата на истополовите бракови во Грција ги разниша односите меѓу црквата и државата

Атина, 6 март 2024 (МИА) – Празнувањето на Неделата на православието односно првата недела од Великиот пост, наместо во Соборниот храм во Атина, каде што традиционално се одржува свечената литургија, оваа година, со одлука на Светиот синод на Грчката православна црква, ќе биде во мала црква, што според медиумите во Грција е во знак на протест поради легализацијата на истополовите бракови во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Светиот Синод на ГПЦ вчера одржа состанок и соопшти дека годинешното празнување на Неделата на Православието на 24 март ќе биде во црквата што се наоѓа веднаш до седиштето на Светиот Синод.

Во соопштението нема дополнителни појаснувања, но медиумите во Грција коментираат дека со оваа одлука се крши долгогдишната традиција празникот да се слави во Соборниот храм во Атина, а на овој начин ГПЦ го изразува своето незадоволство за изгласаниот закон.

Паралелно менувањето на локацијата во малата црква што е со ограничен простор ја става во прашање и можноста на литургијата да присуствуваат претседателката на Грција и претставници на власта и политичките партии во земјата, нешто што традиционално е пракса секоја година.

Портпаролот на Светиот синод кусо коментираше дека оваа година празнувањето ќе биде „на поскромен начин“.

Под знак прашалник е и присуството како на поглаварот на ГПЦ архиепископот Јеронимос, така и на членовите на Светиот Синод на традиционалниот ручек во Претседателската палата што во нивна чест го организира грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, по повод празникот на Православието.

Од кабинетот на грчката претседателка соопштија дека Сакеларопулу во понеделникот ги испратила поканите.

-Претседателот и членовите на Светиот Синод секогаш се добредојдени во Претседателската палата, но паралелно се почитува и нивната одлука во однос на тоа дали ќе ја прифатат поканата, соопштија од кабинетот на грчката претседателка.

Законот за легализација на истополовите бракови пред 20 дена беше изгласан од грчкиот Парламент со широка поддршка од партиите, а меѓу оние кои јавно го поддржаа беше и претседателката на Грција.

Од друга страна, Светиот Синод на ГПЦ, јасно и јавно зазеде став дека е категорично против истополовите бракови. ср/ссм/

Остани поврзан