• четврток, 19 декември 2024

Леви: Израел очекува тешки борби во втората фаза од војната, Хамас го избра бојното поле

Леви: Израел очекува тешки борби во втората фаза од војната, Хамас го избра бојното поле

Тел Авив, 5 декември 2023 (МИА) - Израел очекува тешки борби во новата фаза од војната во Појасот Газа, но е отворен за „конструктивна повратна информација“ за намалување на цивилните жртви, се додека таквите совети се во согласност со поставената цел за уништување на Хамас, соопшти денеска израелската влада. 

„Сега одиме напред со втората фаза. Втората фаза ќе биде тешка во воена смисла“, изјави владиниот портпарол Ејлон Леви.

Израелските сили започнаа операции во јужниот дел на Појасот Газа, каде има околу милион палестински бегалци од северните области на енклавата, кои побегнаа од претходните конфликти.

Тел Авив во моментов се соочува со силен меѓународен притисок, вклучително и од Вашингтон, да ги намали цивилните жртви за време на неговите воени акции.

„Секоја конструктивна повратна информација што ќе ја добиеме, каков било сериозен воено-стратешки совет за тоа како да се напаѓа Хамас со минимизирање на цивилната штета, се разбира, ќе ги прифатиме“, рече Леви.

Тој изјави дека таквиот совет ќе мора да биде во согласност со целта на Израел, која вклучува уништување на палестинската милитантна група.

„Ќе ја продолжиме нашата кампања за уништување на Хамас, кампања со која САД се согласуваат со стратешките цели на оваа војна, дека не може да заврши додека Хамас сè уште постои“, рече портпаролот на израелската влада.

Леви додаде дека Израел прави многу напори да се намали штетата на цивилите.

„Ние не го избравме бојното поле, Хамас го избра бојното поле“, нагласи портпаролот на израелската армија. паг/

Фото: Икс

 

 

Остани поврзан