• недела, 22 декември 2024

Левица поднесе два предлог-закони што ги таргетираат работниците и студентите

Левица поднесе два предлог-закони што ги таргетираат работниците и студентите
Скопје, 9 март 2022 (МИА) - Левица поднесе два предлог-закони кои се однесуваат на измени во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, како и измени на Законот за субвенциониран студентски оброк. - Нашиот прв обид за укинувањето на апанажата на функционерите не успеа, затоа што очигледно политичката класа во Република Македонија се уште мисли дека е избрана народот да ја издржува наместо да му служи на народот како што е по Устав. Ова е еден вид на втор обид, ако веќе не можеме да ја укинеме, тогаш да ги изедначиме условите со условите кои се за добивање на апанажа на обичниот работник, рече на денешната прес-конференција во Собранието, пратеникот Борислав Крмов. Имено, како што посочи тој, во последниот закон има околу десетина таксативно наведени услови кои мора сите да се исполнат за обичен работник да добие апанажа, односно каков било надомест после добивање на отказ, кога е без работа. - И додека за функционерите тоа практично не постоеше, тоа е флагрантно кршење на член 9 од Уставот кој забранува било каква дискриминација посебно тука се однесува на дискриминација на општествена и социјална положба. Ние со овој закон тоа го корегираме и од максималните 50 посто за работниците сега е 100 посто, тие услови се отстрануваат и остануваат само три услови, слично или исто како за функционерите, и тоа е за три месеци паричен надоместок или апанажа, треба да има работникот шест месеци и еден ден стаж, за шест месеци треба да има меѓу шест месеци и една година и за 12 месеци апанажа во полн износ од 100 посто од платата која ја земал тој треба да има две години исто како за функционерите стаж плус еден ден, појасни Крмов, додавајќи оти се надеваат дека овој предлог ќе биде прифатен. Во однос на измените во Законот за субвенциониран студентски оброк, Крмов образложи дека досега студентите земаат по 120 денари дневно, освен за време на празници и неработни денови, што е отприлика 2.400 денари месечно, а со нивната измена таа се покачува за 30 денари, со што би добивале по 150 денари дневно или околу 3000 денари месечно. - Тој закон е донесен 2020 година и мислиме треба да се корегира затоа што од тогаш кризата се продлабочи, сега имаме економска криза, цената на храната расте. Ние знаеме дека е мало и дека е несоодветно покачување, но едноставно таква е ситуацијата. Поголемо покачување мислиме дека ќе биде одбиено од власта, ова се надеваме дека ќе биде прифатено и секако отворени сме и понатака овој закон да претрпи измени и тој износ да се зголеми, рече Крмов. мс/са/ https://www.youtube.com/watch?v=zggJcGLrm3s

Остани поврзан