• четврток, 21 ноември 2024

Левица: МОН да ги покрие новите давачки на УКИМ, а не студентите

Левица: МОН да ги покрие новите давачки на УКИМ, а не студентите

27 септември 2024 

Според најновите информации коишто ги добивме, трошокот за „онлајн ресурси“ кој е воведен оваа академска година се однесува на услуги како пристап до академски бази на податоци, коишто универзитетот има склучено договори за користење. Овие бази на податоци се од меѓународен карактер и нивната цена е значителна, а секој универзитет може да бира различни бази согласно своите потреби. Иако овие ресурси се од суштинско значење за квалитетното образование, овие трошоци во голем број други земји ги покрива Министерството за образование, додека кај нас тоа не е случај.

Исто така, дел од трошокот се однесува на услугата eduroam, која, иако е бесплатна за многу студенти на други универзитети во Македонија и светот, на УКИМ е воведена како платена. Дополнително, се планира пристап до дигитализирани книги за студентите, но овој проект е сè уште во подготовка.

УКИМ е еден од ретките високо образовни институции кои ги обврзуваат студентите да ги плаќаат своите семестри. Во другите држави на Балканот и Европа, високото образование е бесплатно и истото го покрива државата. 

Дополнително, ако целиот УКИМ ќе ги користи овие услуги, зошто само 4 факултети плаќаат? Ова сугерира недостиг на праведна распределба на трошоците и дополнително ја истакнува потребата за транспарентност во управувањето со финансии на универзитетот.

Затоа, апелираме до Министерството за образование и наука (МОН) да ги преземе овие трошоци на себе, како што е случај во другите земји, наместо товарот да паѓа на грбот на студентите. Во спротивно, продолжуваме да ги демотивираме новите генерации и да го зголемуваме трендот на иселување од Македонија.

Доколку МОН не преземе одговорност да ги растерети студентите од финансиски трошоци, даваме безусловна поддршка на студентските организации да се мобилизираат и организираат протести!

 

Црвена младина - политичка партија Левица 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан