• сабота, 13 декември 2025

Левица: Кандидатите на ВРЕДИ шират шовинистичка реторика

Левица: Кандидатите на ВРЕДИ шират шовинистичка реторика

Скопје, 26 октомври 2025 

Скандалозните изјави на кандидатот за градоначалик на Брвеница од ВРЕДИ - Хаќим Рамадани, предизвикуваат етнички тензии и шират национал-шовинизам, во очигледно отсуство на проекти и визија за развој на сопствената општина! Рамадани од ВРЕДИ во јавно обраќање од дијаспората наместо да говори за проекти, со шовинистичка реторика го глорифицираше сепаратизмот на Илирида, со што директно промовира национална и етничка омраза против македонскиот народ, стои во соопштението на Левица што МИА го пренесува интегрално. 

Рамадани потврди дека во општина Брвеница се обединети заедно со ДУИ во вториот круг против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, што ја демонстрира сервилноста на Мицкоски кон помалиот коалиционен партнер. Иако Мицкоски предводи влада со апсолутно мнозинство, иако целиот политички наратив со кој ја доби поддршката на народот беше дека неговата влада нема да “коленичи” - ДПМНЕ ги остави Тетово, Гостивар и Струга без свои кандидати за градоначалници.

Овие штетни наративи од политичари заглавени во минатото (како Рамадани) создаваат само поделби и нетрпеливост, додека населението масовно се иселува од Македонија поради растечката сиромаштија и корупција. И на сите овие анти-македонски изјави, кои го понижуваат достоинството на македонскиот народ, Мицкоски одбира да молчи за да го сочува мирот во сопствената влада.

Левица јавно прашува: дали Мицкоски ќе биде само нем набљудувач пред изјавите на неговите коалициони партнери, кои директно шират омраза против македонскиот народ и глорифицираат сепаратизам против унитарниот каракатер на Републиката?!

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан