• вторник, 14 јануари 2025

Лапорта: Сакаа да ја уништат Барселона, но не успеаја

Лапорта: Сакаа да ја уништат Барселона, но не успеаја

Барселона, 14 јануари 2025 (МИА) - Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, остро ги критикуваше оние кои, според него, му пречат на клубот.

- Не им успеа тоа што го планираа. Покажавме сила и решителност. Се обидоа да не уништат, сакаа да не елиминираат. Но, повеќето официјални членови на Барселона сфатија дека ова е напад со цел да се дестабилизира единството на клубот. Ќе мора да работат повеќе ако сакаат да дестабилизираат клуб со над 100 години историја. Секоја кампања која има за цел да не дискредитира нема да не спречи да бидеме клуб кој го сакаат милиони ширум светот. Навикнат сум да ме критикуваат, тоа е нормална работа во мојот живот. Би сакал да ја потврдам силата на ФК Барселона. Не чека светла иднина, изјави Лапорта.

Посочи на нештата кои според него покажуваат дека каталонскиот фудбалски великан е на вистинскиот пат.

- Потпишавме договор со Најк. Дополнително, новиот стадион ќе ни гарантира солидни приходи уште многу години. Велам „нов стадион“ затоа што ова што се случува со Камп Ноу не е само реновирање. Во исто време, уживаме во силен тим со домашни играчи, засилен со неколку странци. Имаме и исклучителен тренер во Ханси Флик. Наскоро ќе навршат 4 години откако јас и мојот тим го започнавме клубот. За тоа време, работевме на четири главни работи - зголемување на приходите, намалување на трошоците и платите без тимот да ја изгуби својата конкурентност, економско закрепнување и да не го загрози работниот сопственички модел на клубот. Ние го направивме тоа. Полни сме со енергија од она што се случи неодамна. Се обидоа да не дестабилизираат во клучен момент од историјата. Сепак, имаме тим кој ќе ни донесе уште поголема радост и кој веќе ги остварува соништата, додаде Лапорта.

Барселона во неделата го освои шпанскиот Суперкуп совладувајќи го во финалето Реал Мадрид со 5:2. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан