Лазаров: Целта е исполнета, одиме добро да се подготвиме за средбите во Главната рунда
- Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров даде првична оценка за настапот на „црвено-жолтите“ во првата фаза на 29. Светско првенство.

Вараждин, 19 јануари 2025 (МИА) – Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров даде првична оценка за настапот на „црвено-жолтите“ во првата фаза на 29. Светско првенство.
- Треба да сме задоволни. Со пласманот во Главната фаза ја исполнивме првичната цел. Можевме многу подобро вечерва, но најважно е што победивме. Драгоцено е и искуството што го стекнуваат младите. Имавме 20-ина промашени удари од кои многу зицери. Со поквалитетен противник не смееме да си дозволиме таков луксуз. Добро е што ги поштедивме Митревски, Пешевски, Митев. Допрва ни доаѓаат тешки борби, ни треба енергија. Одиме да се одмориме и да се подготвуваме за Австрија во вторник. Благодарност за големата поддршка од македонските навивачи кои се овде, но и од цела Македонија, истакна Лазаров.
Во Главната рунда Македонија ќе игра против репрезентациите на Франција, Австрија и Катар.
Според распоредот, следниот натпревар Македонците ќе го играат на 21 јануари исто така во Вараждин, со голема веројатност против Австрија. зс/
Фото: МИА