Лазаров: Војводина е фаворит, ние ќе се обидеме да изненадиме во за нас историскиот натпревар
- Македонскиот ракометен вицешампион Алкалоид утре ќе дебитира на европската сцена. Во првото коло од групната фаза во Лигата на Европа, Алкалоид ќе се соочи со српскиот првак Војводина.
Скопје, 16 октомври 2023 (МИА) – Македонскиот ракометен вицешампион Алкалоид утре ќе дебитира на европската сцена. Во првото коло од групната фаза во Лигата на Европа, Алкалоид ќе се соочи со српскиот првак Војводина.
Тренерот на македонскиот претставник, Кирил Лазаров, фаворитската улога ја препушти на гостите, но најави максимална борба во обид да се освојат првите бодови во историскиот прв меч на евро-сцената.
- Натпреварот со Војводина е историски за нашиот клуб. Лигата на Европа е силно натпреварување, рамо до рамо по квалитет со Лигата на шампионите. Се надевам дека достојно ќе се презентираме, ќе пробаме да бидеме компетитивни, да го дадеме нашиот максимум. Групата во која настапуваме не е нималку лесна. Војводина е извонреден тим, дополнително засилени оваа година. Им ја препуштам улогата на фаворит, а ние ќе се обидеме да ги изненадиме доколку бидеме на потребното ниво. Се надевам дека моите играчи ќе одговорат на задачите. Како и да, овие натпревари за нашите млади ракометари се добра можност да стекнат искуство потребно за нивниот понатамошен развој, рече помеѓу другото Лазаров на денешната прес-конференција.
Капитенот Игор Ѓоргиев најави максимално залагање од сите негови соиграчи кои ќе добијат шанса за настап на овој меч.
- Подготвени сме. Ова за нес ќе биде големо искуство. Многу ја посакуваме победата. Покана до сите љубители на ракометот да дојдат и да ни дадат поддршка која многу ќе ни значи, истакна Ѓоргиев.
Покрај Алкалоид и Војводина, во групата се и екипите на Силкеборг од Данска и Ла Риоха од Шпанија.
Натпреварот Алкалоид - Војводина ќе се игра утревечер од 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. зс/
Фото: МИА