• понеделник, 23 септември 2024

Курти ги охрабрува жртвите на сексуално насилство во војната со Србија да го прекинат молкот

Курти ги охрабрува жртвите на сексуално насилство во војната со Србија да го прекинат молкот

Приштина, 19 јуни 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти ги повика жените, девојките, мажите и момчињата кои доживеале сексуално насилство за време на последната војна во Косово да го прекинат молкот за злосторството што го доживеале, јави дописникот на МИА од Приштина.

На Меѓународниот ден за елиминација на сексуалното насилство во конфликти, Курти повика на солидарност со жртвите од семејствата и општеството.

- Во текот на 1998-99 година, во Косово сексуалното насилство беше користено како воено оружје од Србија. Ова е злосторство не само против поединецот, туку и против целото општество. Затоа остави длабоки и широко распространети последици. На Меѓународниот ден за елиминација на сексуалното насилство во конфликти, повикуваме на солидарност од семејствата и општеството. Наша заедничка обврска е да ги поддржиме преживеаните. Да бидеме силен глас и силно рамо. Денес и засекогаш, напиша Курти на Фејсбук.

Тој вети институционална поддршка за жртвите на сексуално насилство.

- Во спомен на жртвите кои ги загубија животите, се поклонуваме со почит. Ги чествуваме преживеаните за нивната сила и издржливост. Се залагаме за институционална поддршка и правда, порача ксосовскиот премиер.

Објавувајќи дека рокот за поднесување барање за признавање на статусот на жртва на воено сексуално насилство е продолжен до 15 мај 2025 година, Курти ги охрабри жртвите да го прекинат молкот.

Од 2.083 лица кои аплицирале да добијат статус на жртва на сексуално насилство за време на војната, 1.650 од нив го стекнале тоа право, објави пред неколку дена раководителката на владината Комисија за признавање и верификација на статусот на жртвите на сексуално насилство за време на војната во Косово, Леонора Селмани.

Владината комисија за признавање и верификација на статусот на лицата силувани за време на војната на Косово е формирана во февруари 2018 година, со мандат од 5 години, но во меѓувреме е продолжен за уште две години.

На лицата на кои им е признаен статусот на жртви на воено сексуално насилство им се доделува пензија во износ од 230 евра месечно.

Согласно законот усвоен во 2014 година, статусот им се признава на лицата кои со факти ќе докажат пред Комисијата дека биле жртви на сексуално насилство во периодот од 27 февруари 1998 до 20 јуни 1999 година. иа/рп/

Остани поврзан