• вторник, 03 декември 2024

Претседателката Сиљановска Давкова на Самитот за иднината побара длабоки реформи во ОН како одговор на глобалните предизвици

Претседателката Сиљановска Давкова на Самитот за иднината побара длабоки реформи во ОН како одговор на глобалните предизвици

Њујорк, 22 септември 2024 (МИА) – Крајно време е за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, енормна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на JUS GOGENS, практикување на правото на мажите, наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот заради профит и моќ, истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на Самитот на иднината во Обединетите Нации во Њујорк.   

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, Сиљановска Давкова се залага за длабоки реформи на ООН кои, како што вели, мора да се бараат со осмислена решителна акција. 

- Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и генералното Собрание, поголема инклузивност и транспаретностна процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права, рече претседателката Сиљановска Давкова.  

Според неа, потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите. 

-Меѓународиот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди, да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостави поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспаретноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена, денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. За таа цел, Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициона влада, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите со највисока правна сила, но и своевидна универзална повелба, односно општествен, меѓудржавен и меѓунационален договор.

Претседателката побара да се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата, како во македонскиот случај.

-Запоадниот Балкан од каде што доаѓам е климатски ранлив регион, што бара регионална стратегија и одговор, но и активна соработка со ЕУ и агенциите на ООН во потрага по обновливи извори на енергија, рече Сиљановска Давкова, информирајќи ги учесниците на самитот дека Агендата 2023 е интегрирана во македонската национална стратегија за развој, како и дека новоформираното Министерство за дигитална трансформација е соодветен институционален одговор на современите дигитални предизвици и претставува хармонизација со глобалниот дигитален договор.

Претседателката рече дека се залага посебно внимание да им се посвети на лицата со посебни потреби, лицата од сите ранливи категории, како најизложени на дискриминација. - Како потписници на Истанбулската декларација, врз основа на која го усвоивме Законот за превенција од заштита од дискриминација и Законот за превенција и заштита од семејно насилство и насилство врз жените, високо се позициониравме во нивната заштита, рече таа истакнувајќи дека се залага за повеќе жени на највисоки функции и ги реализира тие заложби. 

Најави дека соочени со егзодутот на младите ќе формира совет за млади и совет за дијаспора.

-Верувам дека Пактот за иднината, Глобалниот дигитален договир и Декларацијата за иднината се солидна и инасоиративна рамка за трасирање и градење иднина во која мирот, просперитетот и правдата нема да бидат „wishful thinking“ туку реална основа за акција, рече Сиљановска Давкова нагласувајќи дека глобалните предизвици бараат глобален усогласен договор и одговор.

Самитот на иднината официјално започна утринава по американско време. И покрај руските напори да го попречи договорот, меѓународната заедница усвои план за реформи на ОН.

Претседателот на Генералното собрание на ОН, Филемон Јанг, го прогласи Пактот за иднината на Обединетите нации за формално усвоен - против волјата на Москва и на неколку други држави.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН. Во составот на нашата делегација се и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. ев/бак/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

 

 

   

 

 

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан