• недела, 13 октомври 2024

Курти во северно Косово: Не видов дека на луѓето не им се допаѓа кога некој, макар и премиерот, им доаѓа од Приштина

Курти во северно Косово: Не видов дека на луѓето не им се допаѓа кога некој, макар и премиерот, им доаѓа од Приштина

Приштина, 10 септември 2024 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти во денешното обраќање пред новинарите за време на посетата на северот на Косово, населен со мнозинство Срби, рече дека не почувствувал оти „луѓето не сакаат некој да ги посети од Приштина, па макар тоа бил и премиерот на Република Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако денеска постави камен-темелник на полициска станица во Лепосавиќ, а потоа ја посети Северна Митровица, Курти рече дека престојува во северниот дел „за доброто на граѓаните“, без оглед на нивната припадност.

- Мислам дека граѓаните се мирни. Сакаат слобода и безбедност. Јас сум тука за нивната благосостојба. Мојата функција не е да ги делам работите според етничка припадност, религија или што и да е, туку да бидам тука за сите, без дискриминации и привилегии, рече Курти.

Косовскиот премиер изјави дека мостот на реката Ибар, кој ја дели Митровица на јужен дел, населен со албанско мнозинство, и северен, со српско мнозинство, треба да се отвори „не против некого, туку за доброто на сите“.

Отворањето на Ибарскиот мост за сообраќај и на возила, освен за пешаци, како што е моментно, Владата на Косово го најавува веќе неколку месеци. Меѓународната заедница се спротивстави на идејата, велејќи дека тоа прашање треба да се реши во дијалогот меѓу Приштина и Белград со посредство на Европска Унија.

Според косовскиот премиер, отворањето на мостот е важно и за економскиот имиџ на државата.

- Мора да се почитува слободата на движење. Од 2016 година има договор во Брисел мостот да биде отворен најдоцна до 2017 година, но не против некого, туку за доброто на сите нас. За економскиот имиџ на државата е важно тој да се отвори, за протокот на капитал и стоки, рече Курти.

Тој порача дека отворањето на мостот е во интерес на сите заедници во Косово.

- Не сакаме да го отвориме мостот против Србите, напротив! Сакаме Србите, Бошњаците и Албанците да можат слободно да се движат по тој мост, додаде Курти. иа/ми/

Остани поврзан