• понеделник, 23 декември 2024

Курти во ненајавена посета на општините со српско мнозинство во северно Косово

Курти во ненајавена посета на општините со српско мнозинство во северно Косово

Приштина, 3 април 2024 (МИА) – Косовскиот премиер, Албин Курти, придружуван од министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља и министерот за локална самоуправа, Елбер Красниќи замина денеска во посета на општините со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина,

Неколку медиуми во Приштина забележаа дека за посетата на Курти на општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, јавноста не беше однапред информирана и за неа се дозна откако локални медиуми на српски јазик ја објавија информацијата.

Градоначалникот на Лепосавиќ, Љуљзим Хетеми рече пред новинарите по посетата на Курти дека „отприлика“ знаел оти премиерот денеска ќе го посети и додаде дека за посетата на Курти не биле информирани медиумите „од безбедносни причини“.

Курти и двајцата министри во неговата влада, за време на обиколката на општините, каде се сретнаа со тамошните градоначалници Албанци, избрани на минатогодишните локални избори кои Србите ги бојкотираа, беа придружувани од, како што наведуваат медиумите, силно полициско обезбедување.

По средбата со градоначалникот на Северна Митровица, Ерден Атиќ, Курти во обраќање пред новинарите рече дека денешната посета е со цел да им се изрази поддршка на општините во северно Косово.

Тој информира дека во близина на Зубин Поток го посетил местото каде што во 2011 година од заседа беше убиен припадникот на Косовската полиција, Енвер Зимбери, како и местото каде што на 24 септември минатата година, во нападот на вооружена српска група загина полицаецот Африм Буњаку.

- Го посетивме и спомен обележјето на Енвер Зимбери, кој сега ќе наполнеше 45 години, но беше убиен, како што знаеме, во јули 2011 година. Го посетивме и местото каде што беше организирана криминалната заседа во која беше убиен Африм Буњаку на 24 септември минатата година од паравојска и терористи кои сега се кријат во Србија, рече Курти.иа/сд/

Остани поврзан