• среда, 15 април 2026

Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ домаќин на ученици и професори од европски држави, дел од меѓународна образовна размена

Кумановската гимназија „Гоце Делчев“  домаќин на ученици и професори од европски држави,  дел од меѓународна образовна размена

Куманово, 24 март 2026 (МИА) - Кумановската гимназија „Гоце Делчев“ е домаќин на ученици од европски држави,  дел од меѓународна образовна размена преку  европски проекти за здрава исхрана и иновативна настава. Денеска, градоначалникот на општината  Максим Димитриевски и претседателката на  Советот, Ивана Ѓорѓиевска, се сретнаа со учениците и професорите кои се во посета на градот. „Гоце Делчев“ е домаќин на ученици од Мартиник, Франција, кои работат на темата „Здрава исхрана на твојата чинија“, како и на група ученици од Полска, вклучени во проектот „Наставата локално, соработка глобално“, фокусиран на иновативни пристапи во наставата по јазик, математика и дигитални вештини.

-Оваа мобилност е резултат на континуирана меѓународна соработка, воспоставена преку претходно реализирани проекти – „30 е многу доцна“ и „Дигитализирај се“, во партнерство со училиште од Нови Двор Мазовјецки, Полска, како и проектот „Одржливо инклузивно образование“, спроведен со партнер од Форт де Франс, Мартиник- наведуваат од општина Куманово.

Програмата вклучува и културно-едукативни активности. Предвидени се посети на Охрид и Скопје, каде учениците ќе имаат можност да се запознаат со културно-историското наследство, традицијата и современиот развој на државата. Сите активности се реализираат под координација на наставничката по информатика Јасмина Денковска, која активно работи на спроведување на проектите и оваа недела. Од Општина Куманово посочуваат дека ваквите размени претставуваат значаен сегмент од современото образование, бидејќи преку соработка, мобилност и иновации се развиваат компетенции релевантни за 21 век, се зајакнува интеркултурниот дијалог и се поттикнува градењето на отворено и инклузивно општество. ам/сст/

Фото МИА и општина Куманово

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан