• сабота, 06 јули 2024

Куманово објави повик за финансиска поддршка на здруженија кои нудат социјална заштита на лица со попреченост

Куманово објави повик за финансиска поддршка на здруженија кои нудат социјална заштита на лица со попреченост
Куманово, 1 април 2022 (МИА) - Општина Куманово распиша јавен повик за вршење работи од социјална заштита на здруженија кои реализираат активности за лица со попреченост, соопштија денеска надлежните од секторот за социјална заштита. На повикот можат да се пријават здруженија на граѓани, правни лица, субјекти кои спроведуваат дејност од социјална заштита наменета за лица со попреченост. Од буџетот на општината одвоени се два милиони денари. Повикот е објавен на општинската веб-страница и ќе трае до 5 април, годинава. - Општините како едни од главните носители на социјалната заштита во државата, развиваат локални мерки и активности за социјалната заштита скроени по мерка на потребите на граѓаните. Општина Куманово водејќи се согласно потребите на лицата со попреченост, како и согласно надлежностите од Законот за социјална заштита реши да објави јавен повик за финансиска поддршка за вршење на работи од социјалната заштита на здруженија и други правни лица кои спроведуваат активности насочени кон лица со попреченост на територија на општина Куманово, изјави раководителот на секторот Александар Крстевски. Барање за користење на правото на финансиска поддршка можат да поднесат сите заинтересирани здруженија и други правни лица коишто ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во јавниот повик, директно во општинската архива или по пошта. Заинтересираните треба да исполнуваат повеќе критериуми, да се регистрирани, да имаат седиште во Куманово, да имаат најмалку тригодишно работно искуство, да имаат најмалку тројца вработени, да го унапредуваат квалитетот на животот на лицата со попреченост преку аткивности, услуги. Барањето за користење на правото на финансиска поддршка може да се преземе од веб-страницата на Општина Куманово или на пултот при влез во зградата на Општината. По завршување на јавниот повик, одлуката за распределба на средствата ќе биде објавена на официјалната веб-страница на Општина Куманово. Сите подносители на барања ќе бидат поединечно известени за избор/неизбор во рок од седум дена од стапување на сила на одлуката. ам/мс/

Остани поврзан