Куманово го празнува 11 ноември, Денот на ослободувањето
- Куманово, денеска со повеќе манифестации и свечености одбележува 79 години од ослободувањето и 504 години постоење на градот. Свечена седница се одржа во Центарот за култура каде беа поделени и „Ноемвриските награди“.
Куманово, 11 ноември 2023 (МИА) - Куманово, денеска со повеќе манифестации и свечености одбележува 79 години од ослободувањето и 504 години постоење на градот. Свечена седница се одржа во Центарот за култура каде беа поделени и „Ноемвриските награди“. Во свечениот говор пред присутните кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски се осврна на огромното значење што го има Куманово и борците од НОБ од кумановско во историјата на државата.
- Со должна почит кон борците, продолжуваме да ги штитиме вредностите на градот првоборец, градот на храбрите револуционери, во духот на единство, заедништво, сплотеност, исполнувајќи го вековниот аманет на предците. Како градоначалник сакам да потенцирам дека една успешна заедница ја сочинуваат лојални граѓани чијшто сервис е општината. Сериозно ги исполнуваме општините програми создадени за потребите на граѓаните. Со одговорен однос го развиваме нашиот град, секојдневно ги унапредуваме животните услови. Тоа е наша обврска кон сите кумановци, рече градоначалникот, Максим Димитриевски. Тој се осврна на реализираните проекти и најави и други, кои ќе одговараат на потребите на граѓаните, создавајќи модерна, урбана средина за живеење.
Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска рече дека на сите е иста целта- модерно, зелено и просперитетно Куманово.
Годинава, добитници на највисокото општинско признание, ноемвриска награда којашто ја доделува општина Куманово за врвни достигнувања на поединци, група граѓани или претпријатија се доктор Стефан Трајановски, лекар специјалист по ортопедска хирургија, проф. д-р Халим Хида, просветен работник и дипломат, во пензија, Драган Колебен, ликовен уметник, организатор и Драган Петровиќ, фудбалер и капитен на футсал репрезентацијата на Македонија
Од правните лица, наградата годинава ја добија компанијата „Гроздановски“ и културното уметничкото друштво „Српски вез“. Општина Куманово годинава постхумно додели признание на Мустафа Ебиби, за неговиот придонес и професионалност во развојот на образованието и спортот.
Во име на добитниците се обрати доктор Стефан Трајановски кој кажа дека наградата е препознавање и поттик за сите кумановци поединечно да се вложат за развој на Куманово.
Присутните имаа можност преку презентација да ги разгледаат проектите и да проследат уметничка програма.
На свеченоста по повод 79 години од ослободувањето на градот присуствуваа членови на Сојузот на борци, АРМ, амбасади, советници, делегации од збратимените градови и останати гости.
Повеќе делегации од општината, од МВР, Армијата, збратимени градови, организации, установи, граѓани, здруженија, политички партии, положија свежо цвеќе и одадоа почит на загинатите народни херои и борци во НОБ денеска на Спомен костурница. Куманово со овој настан одбележува 79 години од ослободувањето на Куманово. Пригоден говор пред присутните одржа претставникот од сојузот на борци и поддржувачи Зора Ивановска. Синоќа на градскиот плоштад се оджра традиционалниот концерт на кој настапија повеќе изведувачи. ам/ир
Фото: МИА и општина Куманово