Крис Прат во одбрана на министерот Кенеди: Не мора партијата да ми го одредува секој став
- Американскиот глумец застана во одбрана на својот подалечен роднина Роберт Ф. Кенеди Помладиот околу нивните различни и слични партиско-политички убедувања.
Лос Анџелес, 19 август 2025 (МИА) - Крис Прат застана во одбрана на својот подалечен роднина Роберт Фицџералд Кенеди Помладиот, околу нивните различни и слични партиско-политички убедувања. Имено, американскиот глумец во емисијата на Бил Мар беше прашан за неговиот однос со министерот за здравство и човекови услуги, кој ѝ е братучед на сопругата на Прат - Кетрин Шварценегер.
- Има одредени работи коишто (РФК Помладиот) ги спроведува и се поддржани на двопартиски начин - како што е отстранувањето на ужасните отровни материи од храната на нашите деца. Мислам дека тоа е одлично. Ако само го направите ова, тоа е неверојатно. Не би сакал да бидам толку заглавен во омраза кон претседателот, така што секој успех од неговата администрација би било нешто на што ќе имам „алергиска“ реакција. Да не биде некако: „О, па, ако овие го прават, не го сакам тоа. Самиот за инает ќе ставам ’Клорокс’ во житарките на моите деца!“ ...Бидете разумни. Постојат одредени работи што би било добро да се направат. Сакам сите тие нешта да бидат успешни, изјави Прат.
РФК Помладиот го направи намалувањето на ултра-преработената храна и токсините од животната средина од храната - приоритет во неговата иницијатива „Направете ја Америка повторно здрава“, наведувајќи го зголемувањето на стапката на хронични болести кај децата. Тој, исто така, го критикуваше седечкиот, технолошки управуван начин на живот кај децата, но и прекумерното препишување лекови.
- Неколкупати се дружев со него (Кенеди) во строго семејна вечера. Навистина добро се сложувавме и мислам дека е одличен човек. Забавен е, прекрасен е!, продолжи Прат, појаснувајќи дека, да се биде во тимот на „најконтроверзниот претседател досега“, не мора да значи секогаш и сѐ најлошо. - Политиката е гадна работа, додаде Прат.
Глумецот потоа, исто така, им препорача на гледачите да не им веруваат секогаш на сите медиуми и „изворите блиски до него кои наведуваат“... - Не, не го велат тоа. Немате „извор близок до мене“ кој го кажува тоа, подвлече Прат. си/
Фото: ЕПА архива