• понеделник, 15 јули 2024

Крива Паланка воведе субвенции за средношколците од прва година и за млади невработени лица

Крива Паланка воведе субвенции за средношколците од прва година и за млади невработени лица

Крива Паланка, 15 јули 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка воведе нови програмски мерки за поддршка на млади невработени лица од општината, ќе се субвенционира набавка на дигитални уреди, а со програмата за образование првпат се воведува и месечна субвенциија за сите средношколци запишани во прва година во средното општинско училиште „Ѓорче Петров", во учебната 2024/25 година.

- Со Програмата за млади, покрај досегашните субвенции за набавка на дигитални уреди за студенти, воведена е нова мерка за субвенции за млади невработени лица за набавка на дигитален уред. Јавниот повик е отворен од денес до 13 август 2024 година. Вкупно пет млади невработени лица од Крива Паланка, ќе добијат 50 отсто поврат на средствата од вредноста на набавен дигитален уред (не повеќе од 9.000 денари) по лице, информираат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка..

Право на учество имаат млади невработени лица со адреса на живеење на подрачјето на општина Крива Паланка, кои ги исполнуваат следните услови: да припаѓаат на категорија млади, од 15 до 29 години, да се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување и дигиталниот уред да е набавен на територијата на Република Северна Македонија во 2024 година.

Со Одлука на Советот на Општина Крива Паланка воведена е и нова мерка за средношколците од прва година во СОУ „Ѓорче Петров", Крива Паланка, субвенција од општинскиот Буџет во износ од 2.000 денари.

 -Месечна субвенциија во период од 9 месеци, во износ од 2.000 денари ќе се исплаќа за секој средношколцец запишан во прва година во учебната 2024/25 во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.Продолжува и поддршката на семејствата со првачиња, 3.000 денари еднократна парична поддршка ќе биде доделенана секое семејство со прваче, запишано во основните училишта во општината со адреса на живеење на територијата на Крива Паланка, информираат од општината.

Барањата за аплицирање со потребните документи се доставуваат до архивата на Општина Крива Паланка или електронски преку апликацијата мЗаедница, а краен рок за аплицирање е 30.09.2024 година. иб/цр

Фото: Општина Крива Паланка.

Остани поврзан