Кремљ: Се приспособивме на животот под санкции
- Русија разви одреден имунитет на западните санкции и се приспособи на нив, порача денеска Кремљ откако Европската унија го договори 18-от пакет санкции против Москва, кој содржи мерки насочени кон нејзината нафтена индустрија.
Москва, 18 јули 2025 (МИА) – Русија разви одреден имунитет на западните санкции и се приспособи на нив, порача денеска Кремљ откако Европската унија го договори 18-от пакет санкции против Москва, кој содржи мерки насочени кон нејзината нафтена индустрија.
Целта на новиот пакет е да се ограничи цената на руската сурова нафта на 47,6 долари за барел, изјавија дипломати.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги опиша новите мерки на ЕУ како еднострани и незаконски, порачувајќи дека санкциите се во согласност со она што го нарече „доследен антируски став“ во Европа.
- Но истовремено, се разбира, веќе стекнавме одреден имунитет од санкциите, се приспособивме на животот под санкции, рече Песков.
- Се разбира, ќе мораме да го анализираме новиот пакет за да ги минимизираме последиците. Освен тоа, секој нов пакет санкции носи негативен ефект за земјите што го поддржуваат. Тоа е оружје со две сечила, рече Песков.
Руската влада и трговски извори го минимизираа влијанието на новите ограничувања, не верувајќи дека значително ќе ја нарушат руската трговија со нафта. јт/
Фото: МИА архива