Крајбрежната служба на Грција вчера евакуирала 76 лица по морски пат на Пелопонез и Хиос
- Крајбрежна служба! Крајбрежна служба! Ако ви е потребна помош, кренете ги рацете, вели на разглас припадник на грчката крајбрежна служба додека со патролниот брод се доближува до плажа на грчкиот остров Хиос во рамките на акцијата за спасување по морски пат поради големиот пожар, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 13 август 2025 (МИА) – Крајбрежна служба! Крајбрежна служба! Ако ви е потребна помош, кренете ги рацете, вели на разглас припадник на грчката крајбрежна служба додека со патролниот брод се доближува до плажа на грчкиот остров Хиос во рамките на акцијата за спасување по морски пат поради големиот пожар, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што информираа од службата, објавувајќи видео фотографии, во текот на вчерашниот ден во северозападниот дел на Пелопонез и на Хиос евакуирале вкупно 76 лица и два домашни миленици.
На островот Хиос биле ангажирани шест патролни, еден спасувачки и пет приватни чамци со кои од четири плажи евакуирале 56 лица и едно животно и биле безбедно пренесени на друга локација.
Во близина на Като Ахаија во северозападниот дел на Пелопонез од четири локации во близина на пожарот, по морски пат, биле евакуирани 20 лица и едно животно.
Пожарите на Пелопонез во околината на градот Патра, на островите Закинтос и Хиос, како и во близина на Превеза, активни се веќе 24 часа и сè уште не се ставени под контрола, а исто како и вчера и во текот на ноќта, така и денеска, во неколку области беа испратени пораки од бројот 112 за итни случаи за евакуација на жителите што се во близина.
Според податоците од службата за брза помош на Грција, заклучно со 15 часот по локално време, вкупно 65 лица од областите зафатени од пожарите, меѓу кои и пожарникари побарале прва помош, а најголемиот дел биле со респираторни проблеми поради чадот.

Огнената стихија, според податоците од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео зафатила површина од околу 10.000 хектари, а изгорените површини и предизвиканата штета, дополнително ќе се проценуваат.
Според грчките медиуми, во царинската служба кај градот Патра на Пелопонез изгореле над 500 автомобили кои биле паркирани и требало да се царинат.
Поради пожарите грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, според владини извори, утрово го посетил Националниот координативен центар за управување со кризи при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, каде што одржал меѓуресорски и меѓусекторски состанок за ситуацијата со огнената стихија. ср/ссм/
Фото/ Видео: Крајбрежна служба на Грција