• понеделник, 23 декември 2024

Коњановски: Да се надминат недоразбирањата во Советот на Општина Битола

Коњановски: Да се надминат недоразбирањата во Советот на Општина Битола

Битола, 18 мај 2023 (МИА) - Очекувам дека, одредени недоразбирања кои постојат во Советот на Општина Битола да бидат надминати, повикувам на конструктивност и постапување согласно надлежностите и согласно барањата на граѓаните, порача градоначалникот Тони Коњановски на денешната вонредна седница на општинскиот Совет.

Седницата беше свикана со цел да се запазат роковите за проектни апликации и обезбедување домашни и меѓународни средства, појасни Коњановски.

- За да може да се пристапи кон реконструкција на каскадите на речното корито на реката Драгор, потребно е да се изработи техничка документација, за што апликационата форма ни е изготвена, а крајниот рок за аплицирање на отворениот повик на УНДП и Бирото за регионален развој, е денес. Вкупната вредност што е потребна за изготвување на техничката документација е 33.000 американски долари, за што општината со согласност од Советот треба да обезбеди кофинансирање од 6.600 долари. Станува збор за инвестиција за изградба која има проценета вредност од над 350.000 долари. Исто така, Советот треба да го усвои извештајот на општинската Комисија за проценување на штети од елементарни непогоди во Општина Битола настанати од невремето, град и поплави, со цел проследување на истиот до републичката комисија и обесштетување на граѓаните. И, конечно советниците треба да се сложат за уште еден многу важен проект, а се однесува на потребата за изградба на велосипедски патеки во Битола, истакна Коњановски.

Членовите на Советот на Општина Битола по завршувањето на вонредната седница, на редовна седница ќе треба да расправаат за проекти од инфраструктурата, економскиот развој, животната средина, социјалната заштита, културата и спортот, соопштија од кабинетот на градоначалникот Коњановски. мт/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан