• понеделник, 23 декември 2024

Која за МИА: Го ценам фокусот на Владата за подобрување на односите со соседите, додека земјата чекори напред да продолжи со реформите

Која за МИА: Го ценам фокусот на Владата за подобрување на односите со соседите, додека земјата чекори напред да продолжи со реформите
Скопје, 7 февруари 2021 (МИА) - Северна Македонија постигна значителен наспредок во спроведувањето на својата амбициозна реформска агенда, ја охрабрувам земјата да продолжи на својот реформски пат и на натамошно унапредување во области како што се борба против корупцијата, на јавната администрација и борба против организираниот криминал, додека истовремено е посветена на силно владеење на правото и независност на судството, вели во видео интервју за МИА амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. -Од моето пристигнување во септември 2018 година, земјата направи значителен напредок во спроведувањето на својата амбициозна реформска агенда. Горд сум што нашата Мисија ги поддржа реформите во клучните области, како што се владеењето на правото и борбата против разните транснационални закани. Го ценам фокусот на Владата за подобрување на односите со вашите соседи, што придонесе за безбедноста во регионот. Додека чекори напред, би ја охрабрил земјата да продолжи на својот реформски пат и да продолжи да го подобрува својот удел во области како што се борба против корупцијата, унапредување на реформите на јавната администрација и борба против организираниот криминал, додека истовремено е посветена на силно владеење на правото и независност на судство, вели амбасадорот Која запрашан за коментар за патот напред за земјата по бугарското вето. Во сферата на правосудните реформи, каде фокусот е на прочистувањето, амбасадорот Која оценува дека усвојувањето на методологијата за оценување на работата на судиите и обвинителите од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кон крајот на минатата година и нејзиното правилно спроведување ќе биде чекор кон враќање на довербата во судството во земјава. - Откога пристигнав во Скопје, бев затекнат од многу ниската доверба на јавноста во судството според анкетите на јавното мислење. Видовме дека се прават некои чекори за напредок во реформите последниве години, меѓу кои и усвојувањето на Стратегијата за реформа на правосудството за периодот 2017-2022, што ја поддржа и нашата Мисија. Дадовме и голем број препораки за решавање на проблематични прашања што ги забележавме за време на нашето опсежно следење на судењата, вклучувајќи ги и судењата на поранешното Специјално јавно обвинителство. Ги следиме тековните случувања, меѓу кои и усвојувањето на методологијата за оценување на работата на судиите и обвинителите од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кон крајот на минатата година. Сметам дека правилното спроведување на овие контроли ќе биде чекор кон враќање на довербата во судството, посочува Која. Запрашан за реформите во медиумите шефот на Мисијата на ОБСЕ посочува  дека одложувањето на парламентарните избори минатата година поради КОВИД-19 го попречи нивното спроведување и оти е задоволен што Владата сега се навраќа на ова важно прашање. -Гледаноста на јавниот радиодифузен сервис е многу мала, што укажува на тоа дека луѓето таму сакаат да видат промени. Важно е да се зајакнат капацитетите на јавниот радиодифузен сервис за да се презенираат информации кои се објективни и да се промовира општествена кохезија преку содржини што ги задоволува потребите на сите граѓани, смета амбасадорот Која прашан во контекст на предлогот за промената на постапката за избор и назначување членови на Програмскиот совет на МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието. Последниве неколку години, подвлекува Која, Мисијата на ОБСЕ интензивно работи и на зголемување на безбедноста на новинарите во земјава. -Иако рангирањето на слободата на медиумите во Северна Македонија се подобрува, ние сме сведоци на сè поголем број случаи на сајбер-насилство и онлајн-напади врз новинарки, особено околу изборите. Планираме да продолжиме да работиме со органите за спроведување на законот, судството и медиумите бидејќи тие се обидуваат да се справат со оваа закана за слободниот проток на веродостојни информации што на граѓаните многу им се потребни со оглед на сите дезинформации на кои се изложени, особено на интернет, вели Која. Следи целосното интервју со шефот на Мисијата на ОБСЕ Клеменс Која. Собранието го донесе Законот за попис, за април е најавено негово спроведување. Дали со овој Закон може да се спроведе квалитетен попис? -Охрабрувачки е тоа што дел од опозициските партии го поддржаа усвојувањето на овој закон, иако немаше целосен консензус. По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Колку што јас знам, законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат. Опозицијата побара електронски попис. Какви се искуствата со пописот во земјите членки на ОБСЕ, во однос на начинот на спроведување на оваа операција? - Немаме обврска како ОБСЕ да спроведуваме попис, а земјите учеснички во ОБСЕ користат различни модели. Можам да кажам дека многу земји учеснички планираат да спроведат попис оваа година. Спороведувањето на оваа операција ќе биде особено предизвик годинава, со оглед на пандемијата со КОВИД-19. За Владата ќе биде важно да воспостави јасни протоколи за здравје и безбедност за да осигура дека се гарантирани безбедноста и здравјето на попишувачите и домаќинства кои се анкетирани. Искуството од предвремените парламентарни избори во јули 2020 година ми влева доверба дека утврдените протоколи ќе бидат почитувани. Во делот на правосудството фокусот е на прочистувањето. ОБСЕ ги мониторира и политички сензитивните судски случаи. Дали сме на вистинскиот пат за враќање на довербата во правосудството и ефективно владеење на правото? - Откога пристигнав во Скопје, бев затекнат од многу ниската доверба на јавноста во судството според анкетите на јавното мислење. Видовме дека се прават некои чекори за напредок во реформите последниве години, меѓу кои и усвојувањето на Стратегијата за реформа на правосудството за периодот 2017-2022, што ја поддржа и нашата Мисија. Дадовме и голем број препораки за решавање на проблематични прашања што ги забележавме за време на нашето опсежно следење на судењата, вклучувајќи ги и судењата на поранешното Специјално јавно обвинителство. Ги следиме тековните случувања, меѓу кои и усвојувањето на методологијата за оценување на работата на судиите и обвинителите од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кон крајот на минатата година. Сметам дека правилното спроведување на овие контроли ќе биде чекор кон враќање на довербата во судството. Во однос на медиумските реформи, ваша оценка за процесот? Сега е актуелен е и предлогот за промената на постапката за избор и назначување членови на Програмскиот совет на МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието. За предлогот имаше реакции од сите еснафски организации. - Одложувањето на парламентарните избори минатата година поради КОВИД-19 го попречи спроведувањето на реформите во медиумите. Драго ми е што гледам дека Владата сега се навраќа на ова важно прашање. Гледаноста на јавниот радиодифузен сервис е многу мала, што укажува на тоа дека луѓето таму сакаат да видат промени. Важно е да се зајакнат капацитетите на јавниот радиодифузен сервис за да се презенираат информации кои се објективни и да се промовира општествена кохезија преку содржини што ги задоволува потребите на сите граѓани. Последниве неколку години, нашата Мисија интензивно работи за да се зголеми безбедноста на новинарите во земјава. Иако рангирањето на слободата на медиумите во Северна Македонија се подобрува, ние сме сведоци на сè поголем број случаи на сајбер-насилство и онлајн-напади врз новинарки, особено околу изборите. Планираме да продолжиме да работиме со органите за спроведување на законот, судството и медиумите бидејќи тие се обидуваат да се справат со оваа закана за слободниот проток на веродостојни информации што на граѓаните многу им се потребни со оглед на сите дезинформации на кои се изложени, особено на интернет. Во изборна година сме кога не очекуваат редовните локални избори. Имаме препораки кои произлегоа од последните парламентарни избори, и повторно најави за една изборна единица, отворени листи... Дали се прифатливи измени на изборното законодавство во изборна година? - Според ОДИХР, препорачливо е изборниот закон да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Низ годините, ОДИХР има дадени голем број препораки за подобрување на изборниот процес во Северна Македонија. Во нивниот последен извештај за ланските предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. ОДИХР не препорачува специфичен изборен модел, а земјите учеснички во ОБСЕ користат широк спектар на разни изборни модели и разни системи за спроведување на изборите. Со оглед на важноста на овие прашања, даваме силна поддршка на инклузивниот процес каде сите засегнати страни можат да разговараат за нивните идеи за изборни реформи што ќе ја зајакнат застапеноста на граѓаните, а со тоа и легитимитетот на избраните функционери. Задоволни сме што Министерството за правда формираше работна група за реформа на изборниот законик,  во која се вклучени и политичките партии и граѓанското општество кои имаат експерти на темата. И нашата Мисија и ОДИХР учествуваат во оваа работна група. Минатиот месец, беше избран новиот состав на Државната изборна комисија чиј прв предизвик ќе биде организирање и спроведување на локалните избори закажани наесен. Дали ДИК оди во насока  на партизација, наместо професионализација? - Државната изборна комисија (ДИК) е долгогодишен партнер на нашата Мисија и на ОДИХР. Очекуваме дека новиот состав на ДИК ќе ги извршува своите должности на начин што е целосно во согласност со постојните закони, правила и процедури, вклучувајќи ја и свечената заклетва на членовите. Вреди да се спомене дека ДИК не е само седумчлена комисија. Тука е и администрацијата која покажала високо ниво на професионализам и посветеност во текот на годините. Ковид пандемијата ја одбележа цела 2020 година, предизвикувајќи глобално сериозни здравствени и економски последици. Кои се активностите на организацијата во контекст на поддршка за земјава за справување со Ковид пандемијата, а кои призлегуваат од областите кои се дел од мандатот на Мисијата на ОБСЕ? -Уште минатата пролет и предадовме на Владата лична заштитна опрема за здравствените работници, полицијата и други лица кои се во првите редови при справувањето со пандемијата. Исто така, дониравме и автомобил на тетовскиот огранок на Црвениот крст за да им овозможиме да обезбедат поддршка за ранливите групи на граѓани кои живеат во оддалечени и тешко пристапни области и дониравме безбедносни комплети за новинарите да можат да ја продолжат својата важна работа информирајќи ја јавноста за време на пандемијата. Исто така, создадовме и иницијатива за обезбедување мали грантови за граѓанските организации со цел да ги поддржиме да им помогнат на луѓето кои имаат потреба од тоа и на групи на граѓани кои не добиваат соодветни услуги, вклучително и лица со попреченост, младите и повозрасните граѓани, помалите заедници, жртвите од семејно насилство и многу други. Севкупно, обезбедивме повеќе од 150.000 евра во грантови за 11 организации, кои беа избрани од над 110 апликанти преку конкурентен процес. Како што знаете, нашата Мисија долго време ги поддржува реформите и професионализацијата на органите кои го спроведуваат на законот и на судството. КОВИД-19 претставува голем предизвик и за двете. Покрај обезбедувањето на заштитна опрема за полицијата, спроведовме и обука за управување со стрес за полицајците и за членовите на Комората за приватно обезбедување, кои се ангажирани во обезбедувањето на клучна инфраструктура. Исто така го поддржавме и Здружението на судии во развојот на протоколи за безбедно одржување на судски процеси за време на пандемијата и ги поддржавме напорите за дигитализација на судскиот систем. Иако последно, но не и најмалку важно е тоа што го поддржавме и изготвувањето на анализа за влијанието на пандемијата врз мажи и жени, што покажа дека пандемијата има непропорционално негативно влијание врз жените. Откако го препознавме овој предизвик за време на почетната фаза на кризата, поддржавме групи кои работат со линии за помош за пријавување случаи на семејно насилство. Актуелното Шведско претседателство како приоритети го постави зајакнувањето на родовата еднаквост во сите аспекти на работата на Организацијата и учеството на граѓанското општество. Постигнувањето сеопфатна безбедност во целиот регион бара значајно вклучување и зајакнување на жените, ќе рече шефицата на шведската дипломатија Ан Линде. Како стоиме ние тука на тој план? - Во мојата неодамнешна објава на блогот во списанието „Лице в лице,“ потенцирав дека родовата еднаквост е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на секоја земја. Сметам дека е важно за земјата да се посвети да се стави крај на родово базираното насилство. Имајќи го ова предвид, го поздравуваме неодамнешното усвојување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Драго ни е што видовме дека законот доби меѓупартиска поддршка и горди сме што придонесовме во процесот на изготвување на овој важен дел од законодавството. Нашата Мисија е силно посветена во поддршката за зајакнување на жените и нивно зголемено учество во донесувањето одлуки. Во 2017 година, започнавме програма за менторство на жени во полицијата, а минатата година креиравме слична програма за жени кои работат во јавната администрација. Веруваме дека овие програми им помагаат на учесниците да се развиваат професионално и да ги подготвуваат да преземаат повисоки клучни улоги во донесувањето на одлуки во администрацијата. Актуелна кај нас е предлог - концепцијата за реформи во основно образование. Ваша оценка за концептот? - Образовниот систем е одраз на општеството и барањата на пазарот на трудот. Ова е една од причините зошто е потребно образованието често да се преиспитува. Резултатите од Програмата за меѓународно оценување на учениците и во 2015 и во 2018 година покажуваат дека поголем акцент треба да се стави во образовниот систем на зајакнување на вештините на матурантите. Затоа, сметам дека подготовката на нова концепција за основно образование е практичен чекор кон зајакнување на резултатите од образованието. Во рамки на вашиот мандат во земјава бевте сведок на клучни моменти како референдумот за името, стапувањето во полноправно членство во НАТО, одлуката на ЕУ да почне преговори, но и на ветото од Бугарија за отворање на процесот. Каде ја гледате иднината на земјава? - Од моето пристигнување во септември 2018 година, земјата направи значителен напредок во спроведувањето на својата амбициозна реформска агенда. Горд сум што нашата Мисија ги поддржа реформите во клучните области, како што се владеењето на правото и борбата против разните транснационални закани. Го ценам фокусот на Владата за подобрување на односите со вашите соседи, што придонесе за безбедноста во регионот. Додека чекори напред, би ја охрабрил земјата да продолжи на својот реформски пат и да продолжи да го подобрува својот удел во области како што се борба против корупцијата, унапредување на реформите на јавната администрација и борба против организираниот криминал, додека истовремено е посветена на силно владеење на правото и независност на судство. Северна Македонија во декември лани на министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана го доби претседавањето со Организацијата во 2023 година. Како дипломат со долгогодишна кариера и вашето искуство како амбасадор на Австрија во ОБСЕ за време на неодамнешното австриско претседавање со Организацијата што ќе значи тоа за Северна Македонија? - Најпрво, дозволете ми уште еднаш да ѝ честитам на Северна Македонија за изборот да претседава со ОБСЕ во 2023 година. Напорите на земјата да биде претседавач на организацијата покажуваат посветеност на ефективниот мултилатерализам, сеопфатниот и кооперативниот безбедносен пристап на ОБСЕ. Зборувајќи од лично искуство, морам да кажам дека претседавањето со нашата организација не е лесна задача бидејќи бара силен и стручен тим, трпеливост, издржливост и политичка одлучност. Но, уверен сум дека земјата, која веќе започна да се подготвува за 2023 година, ќе обезбеди силно лидерство за организацијата. Се разбира, Северна Македонија започнува со предност, со тоа што од прва рака ја познава работата на мисиите на ОБСЕ, како што е нашата, во поддршка на безбедносните и реформските процеси. Виолета Геров фото: Фросина Насковиќ Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан