• недела, 22 декември 2024

Кошта: Ја преземам одговорноста да бидам следниот претседател на Европскиот совет 

Кошта: Ја преземам одговорноста да бидам следниот претседател на Европскиот совет 

Брисел, 28 јуни 2024 (МИА) – Со силно чувство за мисијата ќе ја преземам одговорноста да бидам следниот претседател на Европскиот совет, објави на Икс поранешниот португалски премиер Антонио Кошта, откако доцна синоќа лидерите на ЕУ го избраа на оваа функција. 

- Ќе бидам целосно посветен на промовирањето на единството меѓу сите 27 земји членки и ќе се 

фокусирам и на поставување на вистинскиот пат на Стратешката агенда, која ја одобри Советот на ЕУ и која ќе обезбеди насоки за Европската унија за следните пет години, наведе Кошта во објавата. 

Тој им се заблагодари на членовите на Европскиот совет за укажаната доверба со неговиот избор, на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), која го номинираше за функцијата и на португалската Влада за поддршката за да биде избран. 

- Воодушевен сум поради одлуката на Европскиот совет да ја предложи Урсула фон дер Лајен за претседател на Европската комисија и да ја назначи естонската премиерка за висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност. Со нетрпение очекувам тесна соработка со нив во духот на лојална соработка меѓу европските институции. Би сакал да му се заблагодарам на Шарл Мишел за неговата огромна посветеност на Европа и му посакувам се најдобро во преостанатото време од неговиот мандат како претседателот на Советот на ЕУ, наведе Кошта. 

Тој официјално ќе ја преземе ова функција на 1 декември, кога ќе заврши мандатот на Мишел. 

Истовремено, претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса порача дека изборот на Кошта за претседател на Европскиот совет е „прекрасен развој за Европа, а исто така и за Португалија“. 

Во објава на неговата официјална веб страница, Соуса порача дека „демонстрираната посветеност на Кошта на европскиот проект е гаранција дека Европскиот совет ќе биде во добри раце“. 

Лидерите на ЕУ доцна синоќа го избраа поранешниот португалски премиер Антонио Кошта за нов претседател на Европскиот совет, ја номинираа актуелната претседателка на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен за реизбор на функцијата и ја предложија естонската премиерка Каја Калас за кандидат висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан