Кошта и Мецола го поздравија договорот за Газа
- Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го поздравија договорот за првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
Брисел, 9 октомври 2025 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го поздравија договорот за првата фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.
- Неговата имплементација го отвора патот за долгоочекуваното ослободување на сите израелски заложници, прекин на огнот во Газа и крај на тешката хуманитарна криза на терен. Ги поздравувам дипломатските напори на Соединетите Американски Држави, Египет, Катар и Турција во овозможувањето на овој пробив. Ова е клучна можност што мора да се искористи за да се постават темелите за траен мир, заснован на решение со две држави, напиша Кошта на Х.

- По 733 долги ноќи, пред неколку часа во Египет беше постигнат договор со кој конечно ќе бидат ослободени преостанатите заложници и ќе се воспостави прекин на огнот во Газа, напиша Мецола на Х и ги поздрави напорите на Трамп, САД, Египет, Катар и Турција за постигнување на договорот.
- Сега тој мора да се почитува и спроведе. Ова е клучен момент за мир и обнова на Блискиот Исток и отвора пат што конечно би можел да го прекине меѓугенерацискиот циклус на насилство, страдање и терор што го мачи регионот. Тоа им дава надеж на сите оние во Газа кои бараат мирна иднина и на семејствата на заложниците кои сè уште талкаат во тунелите на Хамас, нагласи таа.
Мецола информира дека вчера била со семејството на Евјатар Давид во европскиот парламент „кога почна да се шири веста за потенцијален пробив во преговорите“.
- Како и многу други, тие долго чекаа и се надеваа на овој момент. Мирот е можен, додаде таа. јт/