Коцевски најави дека во следниот период ќе бидат презентирани конкретни резултати во повеќе сложени предмети и од областа на финансискиот криминал
- Во однос на изјавата на премиерот дека до Обвинителство биле поднесени стотици пријави, републичкиот јавен обвинител рече дека тоа е сепак политичка изјава. - Дали се стотици, повеќе или помалку од сто, бројката конкретно не можам да ја посочам, меѓутоа можам да кажам дека досега сите извештаи, кривични пријави доставени од надлежни органи се заведени и по нив се постапува. Ако внимателно ја следите состојбата ќе видите дека и Државниот завод за ревизија доставија ревизорски извештаи каде евентуално постои сомнеж или индиции за некакво кривично дело и од страна на ЈО се преземаат дејствија по сите до еден извештаи. Соработката ни е одлични и очекуваме наскоро и исход на тие постапки, изјави Коцевски.
Скопје, 11 декември 2024 (МИА) – Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека во следниот период пред јавноста ќе бидат презентирани конкретни резултати во повеќе сложени предмети и од областа на финансискиот криминал, но и поврзани со тешки кривични дела против животот и телото, на кои јавните обвинители интензивно работеле изминатите месеци.
Новодонесеното упатство со кое се дава приоритет на постапките за коруптивни кривични дела, Коцевски рече дека е во насока на тоа што во оваа сфера и граѓаните и ЕУ итно очекуваат резултати.
- Согласно упатството веќе во следните десетина дена ги очекувам првите информации од пониските јавни обвинителства во поглед на досегашниот тек на таквите постапки, воочените проблеми и предлози за нивно надминување. За сите сознанија јавноста транспарентно ќе ја известуваме, изјави Коцевски.
Дополнително, републичкиот обвинител информираше дека спроведувањето на финансиските истраги во предметите каде ќе бидат детектирани приноси од кривично дело во иднина ќе бидат правило, а не исклучок.
- Со поддршка на САД опремени се истражните центри во ОЈО Скопје и ОЈО ГОКК, кои сега имаат навистина современи можности за преземање истражни дејствија. Објавен е и до следната недела е во тек оглас за припадници на МВР за пополнување на позиции во истражните центри. Во функција се истражните центри во Куманово и Тетово, а до крајот на година ќе се формираат и во Битола и во Штип. Во сите овие чекори очекувам резултати и тоа на краток рок. За граѓаните ќе бидат видлива правдата и ќе биде јасна улогата на Обвинителството во испорачувањето на правдата, нагласи Коцевски.
Коцевски, на почетокот на денешниот брифинг на кој присуствуваа повеќе јавни обвинители, како и шефовите на ОЈО ГОКК Ислам Абази и на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, посочи дека јакнењето на транспарентноста е еден од основните приоритети во неговиот мандат и искрено верува транспарентноста ја зајакнува и отчетноста, а со тоа и одговорноста на јавните обвинители.
Во однос на изјавата на премиерот дека до Обвинителство биле поднесени стотици пријави, републичкиот јавен обвинител рече дека тоа е сепак политичка изјава.
- Дали се стотици, повеќе или помалку од сто, бројката конкретно не можам да ја посочам, меѓутоа можам да кажам дека досега сите извештаи, кривични пријави доставени од надлежни органи се заведени и по нив се постапува. Ако внимателно ја следите состојбата ќе видите дека и Државниот завод за ревизија доставија ревизорски извештаи каде евентуално постои сомнеж или индиции за некакво кривично дело и од страна на ЈО се преземаат дејствија по сите до еден извештаи. Соработката ни е одлични и очекуваме наскоро и исход на тие постапки, изјави Коцевски.
Во однос на институтот „по допрен глас“, на брифингот беше посочено дека првично е на правосудната полиција, финансова полиција или царинска управа да го почне како процес, а кога тоа нема да се случи обвинителството е најповикано зошто нема акција од полицијата. Тие, како што беше посочено располагаат со 20 илјади луѓе, додека обвинителството располага со 13 лица.
Во однос на финансиите, Коцевски нагласи дека и во Собранието укажал дека не е исполнета законската обврска од 0,4 проценти од Буџетот. Минатата година беа одобрени 0,2 и годинава 0,2 проценти.
- Проблемите и понатаму ќе останат, такви какви што се. Со оглед дека има само 360 јавно-обвинителски службеници, а треба над 1 100. Во моментов имаме помалку од 95 јавни обвинители. Се надеваме после Нова година барем 40 да се јават како јавни обвинители, изјави Коцевски.
На брифингот беа изнесени информации за фазата во која се наоѓаат повеќе предмети кои се од интерес на јавноста, но и за некои генерални состојби во обвинителството.
За случајот со модуларните болници и пожарот во Тетово, беше посочено дека предмет не се причините за пожарот, туку да се утврди евентуално постоење кривични дела од аспект на постапката за набавка на модуланите болници поставени во 17 градови низ државата.
- Извршени се потребните анализи, но се јави потреба од дополнителна документација која е во фаза на обезбедување. Останува уште финансискиот дел и мислам ќе завршиме со таа постапка. Кога, тоа зависи од институцијата до која е поднесено барањето ќе ги достави бараните податоци, појасни надлежниот обвинител по предметот.
За случајот со сертификатот за директорот на АНБ, беше посочено дека поднесени биле три кривични пријави од три анонимни пријавувачи - за сертификатот кој што е искористен, за во АНБ и за директор на паркинзи.
- Обвинителот што го добил првиот, ги доби и другите два предмети, затоа што се работи за исто лице и постапува по предметот. Од тоа што сум запознаен, веќе инструментот на меѓународна правна помош е активиран, посочи шефот на ОЈО Скопје, Бубевски.
За случајот со купопродажбата на трговскиот центар Соравија, шефот на ОЈО ГОКК, Абази, рече дека се води постапка за тоа.
-Имаме пратено барање за меѓународна правна помош до САД. Чекаме да ни достават одговор. Паралелно и до други институции е доставено барање. Кога ќе ги добиеме сите докази ќе имаме конечна одлука, изјави Абази.
Во однос случајот со исплатите на бонусите на СЈО, Абази рече дека добиле одлука од Вишото ОЈО, но дека не успеал да ја проучи. - Ја уважуваат жалбата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го проучиме предметот, ќе ги видиме напатствијата и кои се укажувањата на повисокото обвинителство, изјави шефот на ОЈО ГОКК.
За случајот со договорот за закуп на Државна лотарија, беше посочено дека оформени се неколку предмети и се работи по поднесено обвинението од МВР. аа/са/
Фото: МИА