• петок, 20 јуни 2025

Кос: Косово да продолжи да демонстрира посветеност на дијалогот за нормализација на односите со Србија 

Кос: Косово да продолжи да демонстрира посветеност на дијалогот за нормализација на односите со Србија 

Брисел, 6 мај 2025 (МИА) – Властите на Косово остануваат посветени на европскиот пат, но треба да ги засилат напорите за реформи во судството и јавната администрација и за слобода на медиумите, истакна вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос во дебатата во Европскиот парламент за извештајот на ЕП за Косово за 2023 и 2024 година.  

- Косово конструктивно се вклучи во Планот за раст, одобрувајќи амбициозна Реформска агенда што опфаќа пет реформски области. Спроведувањето на оваа Реформска агенда ќе биде клучно за Косово и неговите граѓани да ги уживаат сите придобивки од Планот и да продолжат напред по својот европски курс, порача Кос. 

Според неа, по мирните и конкурентни парламентарни избори одржани на 9 февруари, со учество на сите заедници, сега во интерес на Косово е брзо да се формираат новите институции со цел да се продолжи итно со потребните реформи поврзани со приближувањето кон ЕУ, како и со ратификацијата на договорите поврзани со Инструментот за реформи и раст, што би овозможило ослободување на средства за спроведување на проекти од Реформската агенда. 

Таа потенцира и дека Косово продолжува доброволно да се усогласува со санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија како одговор на руската агресија врз Украина, што, како што нагласи, е уште еден доказ за неговата стратешка европска ориентација. 

- Косово поднесе апликација за членство во ЕУ во декември 2022 година. Комисијата останува подготвена да подготви мислење по апликацијата за членство на Косово, штом Советот го побара тоа. Свесна сум дека се уште има многу пречки што треба да се надминат, но би сакала да нагласам дека Комисијата ќе придонесе со целата своја техничка експертиза и поддршка за да го направи она што ќе биде побарано од неа, рече Кос. 

Таа додаде дека клучно за европската иднина на Косово е да продолжи да демонстрира силна и конструктивна посветеност на дијалог за нормализација на односите со Србија, што се води со посредство на ЕУ. 

- Нема алтернатива за дијалогот. Напредокот во нормализацијата со Србија останува клучен услов за европските напори на Косово. Ова значи спроведување на обврските што произлегуваат од Охридскиот договор, без понатамошни одложувања или предуслови. Приоритет на членовите на Комисијата е да ја поддржат соработката со Косово на неговиот европски пат. Косово и целиот регион припаѓаат во Европската унија. Тие се дел од европското семејство и ние ќе го поддржиме Косово на неговиот пат кон Европа, додаде Кос. 

Известувачот на ЕП за Косово, естонскиот европратеник Рихо Терас оцени дека на процесот на интеграција на Косово му треба нов моментум и дека е потребно отворање ново поглавје во разговорите меѓу Приштина и Белград.   

Според него, и покрај забелешките за состојбите во Косово, исклучително позитивно е тоа што сите големи партии на косовскиот политички пејзаж се силно за интеграција во ЕУ.  

Тој потенцира дека во ситуација кога бара реформи од Косово, ЕУ мора да биде подготвена и да го поддржи нивното спроведување, преку укинување на рестриктивните мерки и овозможување пристап до европските фондови за обезбедување средства за реализација на проектите предвидени со Реформската агенда.  

- Затоа треба да ги укинеме мерките и да им дозволиме да ги користат парите што ги нудиме. Покрај тоа, повикуваме на оние земји членки на Европската унија кои и по 25 години се уште не ја признале косовската државност да го сторат тоа, додаде Терас. 

Во извештајот се оценува дека Косово постигнало напредок во изборните реформи, економската отпорност и заштитата на основните права, но и дека заедно со Србија мора да избегнува еднострани активности кои го поткопуваат процесот на дијалогот Белград-Приштина. 

Во Извештајот се нагласува дека, сепак, и покрај значителниот напредок во некои сфери, остануваат предизвиците поврзани во судските реформи, слободата на медиумите, ефикасноста на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги.  

- Решеноста на Косово да се приклучи на Европската Унија е постојана и сите напори да се извлече Косово од „сивата зона“ се во интерес и на Косово и на ЕУ, се нагласува во Извештајот, во кој се изразува поддршка на кандидатурата на Косово за членство во Советот на Европа, на неговата стратешка намера да се приклучи кон Програмата на НАТО „Партнерство за мир“ и на обидите за зачленување во други меѓународни организации.  

По извештајот за Косово, европратениците ќе се изјаснат утре. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан