Костадинов ќе учествува на протестниот марш против загадувањето на воздухот во Струмица
- Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го поддржува и ќе учествува на протестниот марш против загадувањето на воздухот во Струмица, што треба да се одржи в сабота.
Струмица, 30 јануари 2025 (МИА) - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов го поддржува и ќе учествува на протестниот марш против загадувањето на воздухот во Струмица, што треба да се одржи в сабота.
Во објава на својот фејсбук профил напиша дека како градоначалник на Општина Струмица и пред сѐ како човек, во целост го поддржува мирниот протест инициран по повод екстремното загадување во Струмица.
-Заложбите и напорите, како на локалната, така и на централната власт, преку конкретни мерки да се редуцира степенот на фактичкото загадување очигледно не допираат до вистинските адреси. Работата на субјектите кои имаат ингеренции за контрола се континуирано на терен, но определени субјекти се посилни и над законите. И покрај реализираните инспекциски надзори и опомени своеволието на одредени субјекти продолжува!, напиша Костадинов.
Додава дека постојано повикувал и апелирал на почитување на законите и обврските кои произлегуваат од нив, како и соодветно санкционирање од страна на надлежните на различни нивоа.
-Не смееме да дозволиме граѓаните да се жртва на нечии лични интереси. Верувам дека можеме и умееме, а истовремено и апелирам, со синергија на различни нивоа на власт да се избориме со ваквите круцијални проблеми, посочува струмичкиот градоначалник.
Протестниот марш ќе се одржи под мотото „Забрането дишење“, а го организира Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица. Маршот ќе се одвива по главните улици во Струмица, а ќе заврши пред зградата на Општина Струмица, кај канцелариите на инспекциските служби.рт/цр
Фото: МИА архива