Костадинов ја претставува Струмица на петтиот Глобален самит на силни градови
- Градоначалникот Костадин Костадинов ја претставува Струмица на петтиот Глобален самит на силни градови што од денеска до 5 овој месец се одржува во Кејптаун, Јужна Африка, соопштија од Општината.
Струмица, 3 декември 2024 (МИА) - Градоначалникот Костадин Костадинов ја претставува Струмица на петтиот Глобален самит на силни градови што од денеска до 5 овој месец се одржува во Кејптаун, Јужна Африка, соопштија од Општината.
Овој важен настан е организиран од Мрежата на силни градови и градот Кејптаун, а е спонзориран од Министерството за надворешни работи на Данска, Европската Унија и Стејт департментот на САД, а ќе се фокусира на решавање на критичните предизвици во градовите ширум светот.
-Огромно е признанието за Општина Струмица и работата на Локалниот Совет за превенција кои се препознаени на светско ниво. Како активни учесници на петтиот Глобален самит на силни градови земаме рамноправно учество со останатите глобалните лидери, со цел заеднички да ги адресираме клучните теми кои имаат предзнак ургентност-омраза, екстремизам и поларизација. Работиме да обезбедиме ниту една заедница да не стои сама во борбата за еднаквост, вклученост и безбедност, стои во пренесената изјава на струмичкиот градоначалник.
Од Општина Струмица додаваат дека учеството на самитот претставува дополнителна можност за размена на искуства и давање придонес за колективните решенија кои ги зајакнуваат градовите ширум светот, нагласувајќи ја виталната улога на локалното управување во обликувањето на безбедни и кохезивни општества.
Како што се наведува во информацијата, со вклучување во овие дијалози Струмица ги унапредува своите капацитети за имплементација на иновативни пристапи и градење партнерства, од кои директна корист имаат граѓаните. рт/мд/
Фото: МИА архива и Општина Струмица