• четврток, 27 јуни 2024

Косовското МНР го одби барањето на Петковиќ за посета за Видовден: Не ги почитува договорите и провоцира

Косовското МНР го одби барањето на Петковиќ за посета за Видовден: Не ги почитува договорите и провоцира

Приштина, 26 јуни 2024 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Косово потврди дека го одбило барањето на директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ да го посети Косово на 28 јуни, на српскиот национален и верски празник Видовден, јави дописникот на МИА од Приштина.

Политичкиот советник во косовското МНР, Леутрим Сахити изјави за медиумите дека причината за одбивањето на барањето на Петковиќ е поради кршење на договорот за меѓусебни посети и неговиот провокативен јазик кон државата и граѓаните на Косово.

-Во врска со вашето прашање, ве известуваме дека на наведеното лице му е одбиена посетата на Косово, поради прекршување на договорот за меѓусебни посети, неговите пропагандни изјави и неговиот провокативен јазик кон Косово и неговите граѓани, вели Сахити во писмената изјава за неколку приштински медиуми.

Српската канцеларија за Косово соопшти дека на нејзиниот директор му е забрането да го посети Косово за „да биде блиску до Србите за Видовден“.

Од оваа канцеларија тврдат и дека посетата била најавена „во согласност со сите валидни договори за слободно движење“ и дека целта на посетата била „пред сè од верска природа, меѓутоа (косовскиот премиер, Албин) Курти ја забрани посетата и со тоа ги прекрши сите договори“ постигнати во преговорите со посредство на Брисел. иа/ми/

Остани поврзан