• петок, 22 ноември 2024

Косово: Побарано разрешување на членки на собраниската комисија за човекови права поради хомофобија

Косово: Побарано разрешување на членки на собраниската комисија за човекови права поради хомофобија

Приштина, 15 февруари 2024 (МИА) - Дури 55 косовски невладини организации се обратија до претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, со барање да преземе иницијатива за разрешување на претседателката на Комисијата за човекови права, Дуда Баље и членката на таа комисија, Лабинота Деме-Муртези, поради нивните хомофобични ставови, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како повод за ова барање, граѓанските организации го споменуваат последниот состанок на Комисијата со невладиниот сектор, каде што велат дека се соочиле со „уште една демонстрација на хомофобија и дискриминација на ЛГБТИ+ заедницата“.

- На 07.02.2024 година, за време на состанокот на оваа комисија со граѓанското општество, свикан од Дуда Баље, на тема „Актуелната состојба во заштитата и унапредувањето на човековите права во Косово“ се соочивме со уште една демонстрација на хомофобија и дискриминација на ЛГБТИ+ заедницата од јавен функционер, воедно и претставник на народот на Косово, се вели во реакцијата на невладините организации.

Нивните барања, стои во писмото испратено до собранискиот спикер, Коњуфца, се „едноставни и јасни: за хомофобите нема место во Собранието!“.

- Не можеме да прифатиме поединец со толку важна функција, како што е онаа на шеф на Комисијата за човекови права, да ја злоупотребува позицијата и да изразува хомофобични ставови во Собранието на Република Косово, порачуваат невладините организации.

Според нив, Баље постојано е непоколеблива во својот став против ЛГБТИ+ лицата, а ја обвинуваат и членката на комисијата, пратеничката Деме-Муртези за клеветнички изјави и говор на омраза.

- Дуда Баље во своите јавни настапи остана непоколеблива на својот дискриминаторски однос кон ЛГБТИ+ лицата. Користејќи го аргументот на „лично мислење“, таа го игнорира фактот дека јавните функции, особено оние од областа на човековите права, треба да се грижат за заштита и почитување на правата на секој поединец, без разлика на сексуалната ориентација или која било друга припадност. Клеветничките и дискриминаторските изјави исто така продолжија и од пратеничката Лабинота Деми-Муртези, присутна на оваа средба, која јавно изјави дека „ЛГБТИ+  лицата пренесуваат болести“, изјава која и претходно ја слушнавме од неа на собраниска седница на 16 март 2022 година, се вели понатаму во заедничката реакција на 55 невладини организации.

Баље и Деми-Муртези, според нив, не можат да ја претставуваат објективноста и независноста на Комисијата која има задача да ги штити човековите права за сите граѓани на Косово, без разлика на нивната припадност.

- Хомофобијата и дискриминацијата немаат место во едно демократско и инклузивно општество. Во оваа прилика бараме итно разрешување на Дуда Баље од функцијата претседателка на Комисијата за човекови права. Не можеме да дозволиме лице со дискриминаторски ставови да раководи со ваква важна институција за заштита на основните човекови права во Косово. Воедно бараме разрешување на Лабинота Деми-Муртези од оваа комисија, поради нејзиниот клеветнички јазик и говорот на омраза кон ЛГБТИ+ лицата, се вели во реакцијата на граѓанските организации за заштита на човековите права и слободи.

Тие бараат Собранието на Република Косово веднаш да реагира и да преземе мерки „за да се гарантира дека на јавните функции се лица кои ги почитуваат и промовираат човековите права на сите, без разлика, како што е дефинирано со Уставот на Косово“. иа/мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан