• четврток, 19 декември 2024

Корепер одобри „делумен преговарачки мандат“ за Механизмот за помош на Украина 

Корепер одобри „делумен преговарачки мандат“ за Механизмот за помош на Украина 

Брисел, 10 јануари 2024 (МИА) – Советот на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) на денешното заседание одобри „делумен преговарачки мандат“ на Европскиот совет за Предлогот за создавање нов единствен инструмент за поддршка на обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина, истовремено поддржувајќи ги нејзините напори за спроведување реформите во рамки од нејзиниот пат кон членство во Унијата, соопшти попладнево Советот на Европската Унија. 

- На тој начин, украинскиот Механизам ќе ја обедини буџетската поддршка на ЕУ за Украина во еден единствен инструмент, обезбедувајќи кохерентна, предвидлива, како и флексибилна поддршка за периодот 2024-2027 година, приспособена на невидените предизвици за поддршка на една земја во војна, се наведува во соопштението. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, „делумниот преговарачки мандат“ за Советот на ЕУ, значи дека тој не вклучува прашања поврзани со буџетот, особено вкупната сума на средства на Механизмот и уделот на грантови и заеми во него, кои ќе зависат од конечниот исход од преговорите за ревизијата на Повеќегодишниот финансиски рамка на Унијата за периодот за 2021-2027 година. 

Белгиски министер за финансии Винсент ван Петегем потенцира дека ЕУ е посветена на обезбедување непоколеблива поддршка за Украина се додека биде потребно.  

- Украинскиот Механизам има за цел да даде доследна поддршка за обновата на Украина во услови на предизвиците без преседан што ги носи руската агресивна војна. Во исто време, поддршката ќе и помогне на Украина да ги продолжи реформите и напорите за модернизација потребни за напредокот на нејзиниот пат кон идното членство во ЕУ, нагласи Ван Петегем, чија земја е актуелен претседавач со Унијата. 

„Делумниот преговарачки мандат“ задржа три столба од предложениот Механизам и тоа обврската на Киев да подготви „План за Украина“ што ќе ги опфаќа мерките за обнова, реконструкција и модернизација на земјата и за реформите како дел од процесот за пристапување во ЕУ; Унијата да овозможи поддршка во форма на буџетски гаранции и комбинација на грантови и позајмици од јавни и приватни институции во рамки на Инвестициската рамка во Украина; и Брисел да обезбеди техничка помош и други мерки на поддршка при усогласување на украинското законодавство со европското и при спроведување на структурни реформи. 

Според Европскиот совет, финансиската поддршка за Киев во форма на грантови и позајмици ќе зависи од повеќе услови и ќе биде утврдена со временска рамка за исплати. 

Комисијата предлагаше вкупниот буџет за Механизмот да изнесува 50 милијарди евра, од кои 17 милијарди евра во форма на грантови и 33 милијарди евра позајмици. 

На декемврискиот Самит, лидерите на земјите членки на ЕУ не постигнаа договор за финансиската поддршка на Украина поради противењето на Унгарија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан