• четврток, 21 ноември 2024

Координативен состанок на Групата за политики за статистичка соработка на земјите од Западен Балкан и Турција

Координативен состанок на Групата за политики за статистичка соработка на земјите од Западен Балкан и Турција

Струга, 4 октомври 2024 (МИА) - Групата за политики за статистичка соработка на земјите од Западен Балкан и Турција во присуство на претставници на Евростат и Директоратот за проширување на Европската комисија одржа дводневен состанок во Струга, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

На состанокот, како што е наведено, се дискутирало за предизвиците пред кои се наоѓаат статистичките институции на земјите-кандидати и нивната клучна улога во процесот на преговори за пристапување во Европската унија.

- Претставниците на Евростат ги презентираа најновите измени во Регулативата 223/2009, а една од најважните е онаа која предвидува статистичките институции да имаат пристап до административни извори на податоци и приватни збирки на податоци што овозможува тие да станат побрзи и поефикасни во производството на постоечките статистики, но и во производството на нови, експериментални со што би се одговорило на се поголемите и посложени потреби на корисниците. Измените во Регулативата им овозможуваат на статистичките институции да имаат клучна улога во националните рамки за управување со податоци, стои во соопштението на ДЗС.

Според информацијата, била усвоена методологијата по која ќе се спроведуваат партнерските оценувања во земјите кандидати во периодот 2025-2027.

- Претставниците на статистичките институции на земјите кандидати за членство во ЕУ ги презентираа своите најдобри практики и искуства и разменија мислења за што поголема и посеопфатна соработка со цел справување со предизвиците на најефикасен можен начин, посочува ДЗС.

Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, ја презентирал состојбата на институцијата и плановите за натамошен развој, ја претставил и координативната улога што ДЗС ја има во Националниот статистички систем. сс/дма/

Фото: ДЗС

Остани поврзан