• петок, 05 декември 2025

Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“ во Скопје

Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“ во Скопје

Скопје, 8 ноември 2025 (МИА) - Македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“, заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ. Станува збор за настан - дел од програмата на „Скопје дизајн вик“ (Skopje design week) што ќе се реализира денеска во „Јавна соба“.

- Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“. Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија. За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата, наведуваат организаторите.

Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија.

Албумот е издаден од лондонска издавачка куќа.

- Настапот е дел од „Skopje design week“ - платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот,“ додава Китановски. Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома - само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар,“ вели Китановски. бд/бак/

Фото: Соопштение

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан